Шарлиз Терон покажа две фaнтастични модни изданија на 69-тиот Филмски фестивал во Кан на претставувањето на филмот „Последното лице“ во кој глуми, а чиј режисер е нејзиниот поранешен партнер Шон Пен, со кого раскина пред една година.
За средбата со новинарите Шарлиз облече бел фустан со тантела од „Живанши“, додека на премиерата дојде во црн костум со потпис на „Диор“ под кој носеше бела кошула со многу длабоко деколте.

Средбата меѓу двајцата поранешни љубовни партнери по една година беше под будно око на присутните, односно на јавноста. Иако цело време се држеа на дистанца, Шарлиз во еден момент на црвениот тепих го прегрна и го бакна Шон, кој, пак, цело време делуваше збунето и изгубено.
Филмот почнаа да го снимаат додека беа сè уште во врска и планираа венчавка и семејство. Но, по раскинувањето беа принудени да ја продолжат соработката. Пред точно 12 месеци заедно прошетаа на црвениот тепих во Кан, а еден месец подоцна раскинаа.


