Мечки во пештера

Кои се причините поради коишто сеуште голем дел од македонското граѓанство продолжува да ја поддржува режимската врхушка, и покрај серијата од објавени докази за сторени криминали и неправди, комплетното рушење на креираните митови, како целосното соголување на груевизмот? Одговорот на ова прашање мора да се побара со синтеза и фузија на целокупниот општествен контекст (политички, економски, социолошки, социјален, ментален, културен…). Истиот би претставувал суштински показател за достигнатото ниво на политичка писменост, општествена одговорност и граѓанска свесност на базичните системски субјекти, а исто така е и круцијален, како за дескрипција на моменталните општествени состојби, така и при креирањето на идните јавни политики и посакуваните правци на движење.

Иако, до одговорот не може да се дојде паушално и едноставно, сепак клучните детерминанти за летаргичната послушност и слепото полтронство се очигледни и можеме “грубо” да ги детектираме:

1)Ланецот од послушни функционери и бизнис партнери на груевизмот кои се инволвирани во незаконски активности. Груевизмот изминатата деценија успеа да формира огромен ланец од свои послушници на сите нивоа на власт. Окупирани беа речиси сите институционални центри на одлучување и моќ. Насоките беа давани по хиерархија, а секој функционер по извршените наредби и задачи добиваше посебни привилегии и уживаше најразлични благодети. Инсталацијата на овој ланец од функционери-послушници (градоначалници, судии, пратеници, директори, инспектори, менаџери, итн) само дополнително ја ширеше мрежата на приврзаниците на груевизмот. Функционерите ревносно врбуваа и вработуваа, односно вмрежуваа нови следбеници (како службеници, референти, асистенти, волонтери, општи работници итн) во јавните институции и во компаниите коишто се фузирани со режимот. Функционерите на некој начин уживаа во извршувањето на многуте садо-мазо директиви, а повлијателните од нив неретко превземаа и своеволни активности. Мрежата растеше како тесто. Во моментите кога врхушката и нејзините методи на владеење се соголени и претрпуваат сериозен удар, мрежата е толку гломазна и заплеткана што нејзиното отплеткување претставува ѓаволски тешка работа. Денес, многу од водечките функционери во мрежата се свесни за состојбата, но остануваат и понатаму вмрежени верувајќи и обидувајќи се дека сепак некако (латентно) би можеле да се оттргнат и да се спасат од лична одговорност.

2)Гаранцијата за оддржувањето на власта што лидерството на ВМРО-ДПМНЕ ја испраќа до партиското членство и “народот”. Лидерството на ВМРО-ДПМНЕ и покрај џиновскиот притисок под кој се наоѓа сеуште изнаоѓа начини да одглуми сигурност и самодоверба. Иако, со секој нов ден тоа им оди се потешко сепак користејќи го сплетот од сурова медиумска пропаганда, узурпирана институционална моќ и ланецот од послушни функционери успеваат да го смират барем базичното партиско членство и краткорочно да го убедат дека е возможна некаква среќна разрешница. Среќна разрешница за режимската врхушка е речиси извесно невозможна. Тоа лидерството го знае. Лидерството последната година се бори и преговара заради себе, не заради партијата, а уште пак помалку заради државата. Лидерството знае дека се помалку ќе успева да испраќа сигнали на сигурност и дека во секој момент базичното членство може да си ја побара партијата назад. Токму поради тоа, врхушката инсистира на брз датум за избори, иако и самата знае дека во ваква констелација истите се невозможни и само дополнително кризата би ја кризирале.

3)Агресивната медиумска пропаганда. Во изминатата година повеќекратно се зголеми црната и негативна кампања кон опозицијата и неистомислениците. Режимот знае дека голем дел од граѓанството во Македонија, особено повозрасната популација и граѓаните во руралните средини се информираат генерално преку телевизијата како најмасовен медиум. Секојдневно се смислуваат нови приказни, се кријат основни информации и се презентира само една, режимската вистина. Преговорите досега во најголема мера пропаднаа поради медиумите. Да ги немаше под своја контрола, режимот веќе ќе беше минато. Затоа, огромна вина за моменталната општествена состојба носат сопствениците и главните уредници во најмасовните македонски медиуми. И тоа не смее никогаш да (им) се заборави. Таквото нивно слепо слугување на режимот се објаснува со фактот што медиумските босови се неизоставен дел од ланецот на послушни режимски функционери и бизнис партнери вклучени во незаконски активности.

4)Стравот. Режим и диктатура опстојуваат преку константно и мафијашко сеење на страв, притисоци и закани. Голем дел од партиската армија е присилена да учествува на сеансите организирани од ГДОМ или народски попознати како “контрапротести” мислејќи дека само така може да го задржат своето работно место или работното место на своите ближни. Голем дел од партиската армија знае т.е. мисли дека доколку застрани од “стадото” ќе заврши на буниште исто како опремата за прислушкување. Стравот, како неизоставен дел од општествениот вредносен и ментален код на македонецот е конгломератски грев кој во доминантна мера е креација на режимот. И процесот на ослободување и победување на стравот ќе биде една од најголемите општествени придобивки кои ќе ги донесе оваа борба против режимот.

5)Политичката неписменост и патриотската кауза. Режимското владеење и лудило беше одржливо само преку поставувањето на пиедестал на подпросечноста и на национализмот. Мал милион на “експерти”, “домобрани”, “квази-интелектуалци” и “неутралци” беа ангажирани за да го забрзаат овој процес. Доволно е само да се скенираат водечките десетина владини медиумски апостоли и состојбата станува кристално јасна. Се маргинализираа или целосно се задушија голем број на врвни интелектуалци и уметници со цел граѓанството да се направи лесно манипулативно и зависно од шунд и ефтини сапуници. Целосно беше суспендирана дебатата и едукацијата. Се наметнуваа синтагмите од типот: “сите се исти” или “не ме интересира политика”. Делува речиси нереално, но половина од граѓанството не знае дека институциите на државата се финансираат од него, и дека истите тие институции постојат за да му обезбедат подобри услови, софистицирано и непрекинато снабдување со јавни добра токму на него. Уште понереално делува тоа што немал дел од граѓанството паѓа на штосот “не ме интересира политика”, иако се околу него е политика! Неговата егзистенција, храната што ја јаде, образовните и здравствените услуги коишто ги користи, ама баш се! И тој (граѓанинот) е оној што ја креира политиката, било директно или индиректно!

6)Штитењето на малите (ситни) користи и отсуството на емпатија и солидарност. Малите и ситни користи (исто како и функциите) се минливи. Тотално непредвидливи и непостојани! Солидарноста е врвна доблест и љубов. Отсуството на солидарност е ужасен недостаток и кочничар на демократските процеси и слободата, а на крај и на самиот општествен развој. Другари, можеби не сте засегнати лично, но тоа не значи дека нема да бидете! Затоа, не заборавајте на мудрите зборови на Мартин Ниемулер: “Прво дојдоа по комунистите, но јас не бев комунист, па не проговорив против тоа. Потоа дојдоа по синдикалците и социјалистите, но јас не бев ни едното ни другото, па не проговорив и против тоа. Потоа дојдоа по Евреите, но јас не бев Евреин, па не проговорив против тоа. И кога дојдоа по мене, немаше останато никој да зборува во моја одбрана.”

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести