Зошто режимот толку многу ги мрази паметните луѓе и оние кои имаат свој личен интегритет и достоинство?! Од каде се јавува поривот да се убијат најпаметните, да се задушат најкреативните и да се фрлат на буниште најпрогресивните?!
Изминатите десет години сме сведоци на свирепо системско деградирање на квалитетот и на стандардите од една, како и на формалистичко инсталирање на подпросечноста, клиентелизмот и глупавоста на пиедесталот, од друга страна. Деградацијата се случува во речиси сите општествени сфери, почнувајќи од политиката и институциите, па завршувајќи во културата и во спортот. Каде започна деградацијата? Кој ја инсталираше оваа “веома врло” луда состојба? ММЕ, кој прв започна?
Не дека не знаевме, ама “бомбите” ни ги искристализираа спиритуалните состојби, како и интелектуалниот и психички развој на нашите водачи. Па, можевме да слушнеме како поранешниот Премиер на оваа држава во најголема мера своето време го троши во креација на манипулативни ПР проекти и приказни, на гатачки, како и на маратонски беседи со своите соработници. Слушавме како тој, лично и персонално одлучува за тоа кој ќе биде раководител, а кој чистач во институциите на системот. Наместо да се однесува државнички, и да создава позитивни политики, пријателства и лоби групи насекаде, тој свесно одбира да биде неприкосновен Балтазар за решавање на банални, ступидни и маалски прашања. Зошто е тоа така?!
Затоа што, режимското владеење налага целосно маргинализирање на индивидуите со поголеми инелектуални резервоари од оние на маалскиот Балтазар. Кога паметните умови би добиле можност, ограничените умови би везеле антички гоблени. Па така, ограничениот ум решително почна да одлучува за сите и патем мораше да ги елиминира оние кои имаат капацитети за да освојуваат цели светови и непрекинато да отвараат нови хоризонти. Попаметните од него најчесто ги распределуваше како референти, архивари и вратари, и над нив поставуваше опортунистички и полуписмени мафијаши кои требаше само дополнително да ги матираат и разнесат, оние првите.
Уништувањето на квалитетот, вредностите и стандардите на сцена извади премногу шунд и ефтина стока. Наменски се докфалификуваа и се креираа мал милион поданици и апологети во служба на ражимот. Тие беа “веома врло добро наштимоване и полуписмене будале” кои пропагандно добиваа на публицитет и треба(ше) да го заштитат ограничениот ум секогаш кога тој, тоа од нив ќе го побараше. Нив да ги разбереш и со нив да се разбереш е ѓаволски тешка работа. Бидејќи, со писмен човек ќе се разбереш, исто како и со неписмен, но со полуписмен човек тоа е невозможно. Истите, за возврат инстантно беа наградувани со министерски, директорски или пратенички места, и беа плаќани со парите на оние коишто требаше да ги заведуваат. Широките народни маси. Граѓаните. За наша жалост!
Резултатот од тоа е комплетното системско изместување на вредносниот механизам и неконтолираното ширење на подпросечноста и клиентелизмот во форма на пандемија. Ентузијазмот и прогресивноста малтене беа нокаутирани, а врвна цел на најголемиот дел од граѓаните стана вработувањето во јавната администрација и гломазниот државен апарат. Освен поради егзистенцијални многумина почнаа да се иселуваат и поради нематеријални фактори, односно поради неподносливата општествена смрдеа и шунд. Малкумина се иселуваа поради невозвратена љубов. За жал на Каракамишева!
Таква е Македонија денес. Подпросечна во секој поглед. Инсталиран е Претседател на држава кој самиот не може да се разбере себеси, и чиј најкорисен државнички потег е бербата на калинки. Сите негови останати маневри и потези се само поле за берба на гафови, срамови и проблеми. Нема дилеми, се работи за високо родно стебло.
Не! Не е смешно. Трагично е. Трагично е што дозволивме да ни се случува ова и да бидеме сведоци на вакво глобално брукање и понижување. Трагично е што инсталациите на ограничениот ум бараат од нас да се вратиме на нива и да не го реметиме нивниот спокој. Трагично е што многумина неповратно се иселија, а не малкумина и неповратно игубивме. Трагично е што јавниот долг по глава на жител е преголем. Уште потрагично е што не задолжуваа за насекаде околу нас да инсталираат многу грдосии и споменици, а најтрагично е што сеуште (се) наоѓаат такви “гревови” кои треба да ги исчистат спомениците од боја, а патем да ја затскријат крвта. Попусто!
Убиство не се крие… Исто како и глупавоста… а неа груевизмот ја инсталираше во изобилие!
Пишува: Перо Костадинов


