Се повеќе верувам дека мора да се определуваме за што сме и против кого сме; мора да бидеме на страна на она што се нарекува живот. Што значи дека мора да бидеме против Груевизмот затоа што таква (псевдо!) идеологија создаде луѓе и институции кои ќе молчат
Живееме во контекст на одредени животни околности. Логично прашање: што ни донесе Груевизмот, односно што и’ донесе етнички „чистата“ власт на граѓаните на Македонија? Како што феудалниот систем произведуваше кметови, онаа работна снага на оние кои владееја, односно оние кои управуваа со животот, јавната сцена, јавниот простор, така денес, во ова модерно време, кога информацијата и животот се порамнува, така груевизмот преку „секое село создава факултети“. Тоа не значи ништо друго освен создавање на кадри кои ќе работат за нив, ќе говорат во нивна корист, независно од тоа како груевизмот владее, без разлика дали е во прашање политика, јавен простор или негово уредување. Имено, груевизмот произведе „интелегенција“ која ќе им помага да се одржат на власт и, кадри кои, со своето однесување, владеење и постапки не’ заслужуваат да бранат јавна политика.
Груевизмот создаде „адвокати на општеството“ кои се кастрирани да мислат, без разлика што секојдневно им се штанцаат дипломи и разни звања како др. и мр. пред името свое. Значи во Македонија постои интелегенција која создава кадри кои ќе имаат информации, а недоволно воспитани и одгледани да се запрашаат дали смеат да го работат тоа што го работат, дали имаат доблест и интелектуална честитост да бидат адвокати на најлошите луѓе во државата, луѓе кои живеат паразитски на сметка на мнозинството, за тоа имено се работи. Груевизмот создаде маса од неморални кретени со дипломи (!) кои ја поддржуваат кампањата „Во секоја касаба – факултет“. Злосторот е возможен само во таков контекст и околности: кадрите ќе го бранат груевизмот и тогаш кога е очигледен убиец.
Образованието не може да биде инстант приказна, како што замислуваат груевистите, како да речеме инстант кафе, или инстант чизбургер; образованието бара време како би можела секоја информација да се смести таму каде што треба; потоа тие информации треба да се користат како што треба: во општествено-јавен контекст, па таквите информации да се користат на најдобар можен начин. Информациите мора да му користат на општеството, човекот, на животот во крајна мера. Кај нас, „генијалците“ на власт високото образование го смислија на прост, вулгарен и прагматичен начин; само за да го штитат својот, личен интерес: од партија директно на факултет; со диплома во рака, директно во партија. На таков начин добиваме луѓе кои со дипломи во рака, а сепак неспособни, луѓе кои не можат да се вклучат во токовите на начин што ќе значи управување со животот, а не владеење на принципот на сила, обмана, или не знам што.
Оттука, во Македонија не владее елита, ами структура: која е разликата, се прашувате? Како што францускиот збор вели „елита“, така речникот објаснува дека се работи за крем, цвет, избор на луѓе кои се најдобри, луѓе кои ќе одработуваат работа која им е доверена/поверена. Пластично: ќе работат работа од јавен карактер, работи кои се наменети за јавниот простор. Натаму, во политичка смисла, народот е работодавец, значи дека народот им дава работа на оние кои ги бира, а не обратно, ги поставува на власт и’ им вели: „Водете не’ на најдобар можен начин – и за ваше и за наше добро“. Кога така би се работело, кога така би се сфатила политиката, тогаш може да зборуваме за вистинска политичка елита.
Се повеќе верувам дека мора да се определуваме за што сме и против кого сме; мора да бидеме на страната на она што се нарекува живот. Што значи дека мора да бидеме против Груевизмот затоа што таква (псевдо!) идеологија создаде луѓе и институции кои ќе молчат.
Што имаме денес? На сцена се најлошите, или оние чија вредност е сомнителна од многу агли, во таков случај се работи за структура. Во нашиот случај Груевистичка структура: елементи кои се распоредуваат според сопствените желби и афинитети, секој работи онака како што му одговара, секој од нив наоѓа „чевличка за себе“, а оние другите облекуваат чевлички кои се за број помали или поголеми, а по принципот – снајди се некако, зарем бројот е важен!?
Бројот е ужасно важен, затоа што тесна чевла значи дека ќе ја скратува секојдневната животна радост и нормала која се доведува под знак прашање. Жуљ што го добиваме од тесен чевел практично е болест. Од друга страна, колку да е болна структурата на груевизмот, докажува дека е ужасно жилава и се размножува како „болен чир во тесен чевел“. Размножувањето почнува од прагматичноста која се репродуцира низ се’ она што претставува инстант: образование, политика, култура, морални стандарди, лажни псевдо стандарди, итн. Како човек да се бори против тоа?
Има се’ уште човечки острови, морални светилници кои имаат своја вредност. Не е се’ пропаднато до крај. Тоа што не е пропаднато се вика право. Во нашиот случај тоа е СЈО. Тоа се луѓе кои се борат за владеење на правото, за владеење на законите. СЈО е нашиот остров на кој ќе мора сите оние кои се огрешиле заради своите јавни функции, да ги подреди на законите изминативе десет години. СЈО е закон, што значи тамо каде што владее законот (СЈО), нема никаква потреба од луѓе (Груевисти)! А сега одиме „по нашки“: Груевизмот владее изминативе години благодарение на етно и клеро клучот, што значи масата, тоа таканаречено мнозинство кое свесно го осакатија критички да мисли, од друга страна, организираа прдеж-национализам само да можат да не’ испљачкаат, што тоа уредно го направија. Тука ни уфрлија уште една димна завеса која ја нарекоа „национален македонски интерес“ или, „патриотска национална политика на македонците“. Ние тоа најдобро го знаеме. Го чувствуваме на своја кожа сите овие години.
На крајот, знаете што е груевистичко „мнозинство“ во политичка смисла? Имате медиуми, огромни пари и ресурси. И тој страшен притисок. Но, да се вратиме на „мнозинството“: тоа е нешто кое како деца си игравме со пластелин, може да си го обликувате како што ќе посакате. Мнозинството се однесува според рефлексот на јато од птици; сме го гледале тоа во своите дворишта, поготово оние луѓе кои живеат на периферии од своите градови: сите зобат пченка, доволно е само еден гулаб да се дигне, ојде возот угоре, комшија. Сите тргнуваат угоре. А кога првиот ќе се спушти на земја и се врати да колва, така и другите по него ќе се вратат и ќе продолжат со колвање. Тоа во политичка смисла се вика „мнозинство“. Дали сме јато или граѓани, тоа вам ви го оставам, почитувани читатели.
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


