Ненад Јовановиќ: И таткото на кавадарчани, градоначалникот на Калкута, мисли дека се работи за „Европска курва“

Како денес ми изгледа Кавадарци? Прекрасно, автентично, како сиромашно предградие на Калкута во неговите лоши моменти. На кавадарчани не им се заканува „губење на идентитетот“, бидејќи нема шанса да било кој, без разлика колку неинформиран бил, да го побрка Кавадарци со Хановер, Цирих или барем Тетово

Најновото истражување покажува дека 74. одсто граѓани на Македонија се „за пристапување на Македонија во Европската унија“. Останува нејасно за што се 26. одсто граѓани: можеби за пристапување на Европската унија во Македонија, а може и за нешто трето, кој ќе ги знае, бескрајни се креативните можности на нашиот човек. Во меѓувреме, во Кавадарци, на централно-источниот раб на Македонија, се собрало цело античко друштвенце, професорско и филозофско, така што на „есенско филозофска школа“ ја разработуваат моменталната состојба на таа стара и уморна Европа, цела таква сосе Македонија во неа, или можеби покрај неа. И заклучоците им се, колку што беше возможно да се разбере, поразителни: не е таа Европа, брате, она што некогаш беше, поготово од оние славни антички времиња – на некои од учесниците, додуша вајстина спремни да поверуваат како за античките времиња овие луѓе небаре сведочат од лично искуство – туку се’ тоа некако се растурило, никаде ни мудрост ни вера, само гол сувопарен меркантилизам, декаденција, вредносно-идентитетска дезориентација на таа голема „европска бирократска багра“, што претставува – ќе се сложите – премногу мудри мисли на баба Курана (читај, размислите на Мирка Велиновска) кои стигнале и’ до Кавадарци.

И всушност, кога човек ќе погледне, што бара Македонец во таква Европа, земја која е пред распаѓање, па посреде во својата внатрешна распаднатост, можеби е подобро уште еднаш да го почекаме „Утрото на истокот“, како што еднаш порано го чекаа исти такви Мудросери кои тогаш ни се најавуваа, го најавуваа Истокот, го пораѓаа, го козеа, го тртеа, па се заморија, па се откажаа, што ни се чинеше засекогаш. Но, сега повторно ги дрма „втора младост“, што би значело дека повторно се „курдисани“ да го надокнадат пропуштеното.

Немаше се’ ова да ми биде така интересно а да не’ се појавеше тој фамозен „знак“ кој ми зборува дека Груевци и останата боранија повеќе би сакале наместо Европска, да се нарекува Македонска унија. А да се верува во ваква идеолошка одредница, не е работа на индивидуална патологија, туку е многу раширено и нормално, практично е претворено во добар ден.

Е сега, ако филозофијата е – покрај останатото – една еманципаторска и природна сестра на теологијата, што ќе правиме со градовите кои се заразени од вишокот на „патриотска колера“, градови кои ни до теологија не’ стигнале, оти ги чека едно тешко преминување од многубоштво и паганство на монотеистичката религиозност, за било која и’ да се работи?! И сигурно се прашувате како тоа звучи кога Оцо наш кавадаречки зборува и беседи за „Европската курва“?

Ти, ете, учено брбориш против опасната апотеоза на Европската рационалност, против империјалниот „фундаментализам на просветитетлството“ или некоја слична грозморна Европска гадост од која, ние, автентичните македонци мора да ја чуваме нашата Патриотска Посебност (а од посебноста ни збор!). Море, мани не ти нас со филозофски паламудења, дај кажи ни ти нас нешто наше, нешто реално!

Во Кавадарци, велат (тајните служби, боже, како да ги има јавни!?), јавното комунално претпријатие брои околу 250. вработени, од кои цели 25. луѓе чистат и перат улици додека останатите девет десетини удираат печати или се занимаваат со кој знае каква бизарна (не)активност.

И како денес ми изгледа Кавадарци? Прекрасно, автентично, како сиромашно предградие на Калкута во неговите лоши моменти. На кавадарчани не им се заканува „губење на идентитетот“, бидејќи нема шанса да било кој, без разлика колку неинформиран бил, да го побрка Кавадарци со Хановер, Цирих или барем Тетово.

Додека од друга страна, цела трула „Европска курва“ патува господски и ефтино, со убави, чисти и точни возови, ете, Груевци, тој патриотски башибозук, не се потруди да ја спаси Неготинската железница, таа руина која изгледа како кулиса од некој постапокалиптичен филм. За пругата во Неготино, за грозјето во Кавадарци, за валканиците, гнасотиите, за морално-вредносниот талог, Таткото наш кавадаречки, градоначлникот на Калкута, таквата реалност него лично не го интересира. Таа „мртва душа“ мисли дека Европа е курва која само што не се распаднала. Што значи дека едно е сигурно: дури и најотапениот поглед е доволен да заклучите како Македонија не се наоѓа на „европската пруга“, ма што тоа значело.

За тоа во Кавадарци не се расправа, а ниту било каде другде, оти нам не ни се заканува опасност од „Европската курва“, туку ни се заканува опасност од нашиот „патриотски смет“ кој се намерачил, смрдејќи и корнејќи, спремно да чисти се’ што не е „наше“, чистејќи нели, се’ што е „туѓо“.

Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести