Ненад Јовановиќ: Ламент над Џорџ Сорос, или инфлација од лажно дрдорење

Го читам големото интервју на Никола Груевски, големо како јужна Дакота (практично и теоретски, кај него се’ е големо, гигантско, турбо…) го критикува Сорос во Македонија, и една работа мора да му се признае; работа во која е константен: го задржува човекот оној рутински тон што e карактеристичен за селски поп, мантарјќи како нашата држава ќе нема мир се’ додека Сорос и неговата испостава од невладини организации „роварат“ во нашите работи

Се’ што изговори во тоа интервју ништо не му е грозно, мрско, дури би се рекло дека повеќе е утеха отколку предупредување, ама над личниот сомнеж не се работи за никаков израз на жалење. Оти, тој, Груевски Никола, е технички претседател на влада во една држава која е техничка и која практично не постои, што значи дека тоа е човек кој би требало да знае што зборува. А знае ли?! Па, како на тоа се гледа. Да речеме дека неговите коментари, дефиниции, теореми и изјави се оправдани и издржани – од негова точка на гледање. Оти, наречената персона драматис, во некое „официјално“ својство лично на Џорџ Сорос му поставува прашања: не признавате нас или не не’ признавате, а, ако би не признале нас, во пакет со сите „наши чекори“, ќе ве биде и вас, а и нас, а и сите оние кои нас не не’ признаваат, ама никој нас не не’ прашува? Или може вака да го формулираме: ако вие не’ признавате нас, можеби и ние ќе ви се придружиме вас?

Поставувајќи ги на ваков начин прашањата, се гледа дека Груевски од поодамна го исчекува одговорот на Џорџ & Сорос – барем во форма во која тој го замислува – ама одговор не доаѓа, и според својата прилика никогаш нема ни да дојде барем додека има свет и век. Така гледано, Македонија со Никола Груевски нема да биде членка на Европската унија, Македонија со Никола Груевски никогаш нема да биде Отворено Општество. Туку ќе дреме во некое ќоше, во некоја чекална, чекајќи одговор. То ест, ако тој се прашува.

Сигурно сега се прашувате како филозофира Никола Груевски, како го разбира Сорос и невладините, поставените мрежи на Отвореното Општество низ целиот свет, што значи неговиот глобализам, европеизам, што му значи на Никола во крајна мера Соросовата филозофија? Како прав бошавски мислител и шаман по општа пракса, Груевски резонира вака: комуњарите ја изместија Македонија од својата матична планета, ние, груевистите, ја вративме на својот колосек, а сега, заради тоа, светот мора да ни се восхитува. Значи, ако нас Сорос не сака вакви какви што сме, тогаш ќе не’ сака и Европската унија, оти, нели, тој човек, Сорос, влегува каде ќе му текне, без да тропа, „на прва“. Е, како што Сорос влегува на прва во светот, така ние влегуваме во Македонија. А, ако можевме тука, ние сега сакаме така да влегуваме и’ во Светот. Слушаш, ли, бре, Соросе?! И ние сакаме како тебе, поточно ја, лично, Никола Груевски. Дури, ја, Никола, тебе те обожавам, Трамп го читам од чист пркос према тебе, оти знам, ја, Никола Груевски, ти мене не ме сакаш, ти мене не ме признаваш, а ако ти мене не ме признаваш, тогаш и ние тебе… И знаете веќе се’ како тоа оди кога ќе земе Никола Груевски да детерминира директно од планинско с. Бошава… пардон, од планинско с. Маврово, или каде веќе. А во превод на Македонски тоа значи вака: да влеземе вакви какви што сме, а светот заради тоа да ни се восхитува. Или во дополнителен превод значи: да не’ влеземе никогаш со светот, ама тоа да излезе дека ние сакавме, ама светот не ни даде, односно Џорџ Сорос лично; супер, ете ни повторно самооплакувачки наратив и покритие за сите свињарии кои дома ги правевме; супер, ете ни уште еден наратив кој ќе ни користи следните десет години, барем додека не смислиме некој нов!

ВМРО-ДПМНЕ се најде на една точка, прилично апстрактна и збунувачка за нив: мора да ламентираат начелно за „европејство“, „прозапад“ и слично на тоа, како некакви „задушни баби“, оние кои многу сакаат да објаснуваат дека не се повеќе „балкански селанчиња и простачиња“, ама се’ до оној момент додека не налетаат на нешто од што навистина се разликуваат и што веднаш ќе ги уплаши, исфрустрира и налути… Низ децениски процес на чело со Груевски, нивните интелектуалци и елита in general, пратично не знаат ништо, тие се најобична табула раса (Фрчкоски), гласачко тело кое е претворено во топовско месо, кружок кој нема појма од ништо, освен помпезно да молчи. И тоа е се’ од Груевски и неговата „еманципирана“ паразитска „менажерија“.

Што е исходот на овие дегенеративни процеси отсликани во мега-гига-турбо интервјуто на Груевски Никола? Стратешка антиевропска политика (шифра: не сакам) која дури не ни се прикажува како разумен скептицизам (шифра: не треба), ами практичен (шифра: не може). Тоа е најлесниот одговор, а и трансферот од одговорност на погрешна врата е најмалку приметен. Наместо да одговара за сите злосторства пред своите граѓани, тој се закачил за Сорос, Џорџ лично! Па што беше, ќе речете, неговата политика. Каква е ова инфлација од лажно дрдорење, ќе прашате? Секоја озбилна работа која треба фати приклучок према Европа треба да се прикаже, ако не како „предавство“, тогаш како инфантилно романтичарење на неколку занесењаци кои не водат никакви белешки за „фактите“. Како се прави тоа? Прво ќе ја оддалечиш земјата од Европа (како „метафора“, нели?), а тогаш фактички ќе констатираш, еј, гледај, па таа Европа е многу далеку, па оттука подобро ќе биде да си ги гледаме нашите работи. А кои се тоа наши работи? Е, тоа е барем лесно да се одгатне. Економија: шибицарење, купи-продај; култура: плукни и запеј ја онаа нашата; во политика: мобилизирај, па дери.

Ако беа, Груевци, грам чесни, ќе требаше ова да им бидат предизборни слогани!

 

Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист

 

 

 

 

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести