СДСМ: Земјоделците ќе добиваат повисоки и редовни субвенции

Ќе ги зголемиме субвенциите за земјоделците на 160 милиони евра годишно. Земјоделците ќе добиваат 30 проценти повеќе субвенции за секое ново грло добиток и 20 проценти за секој нов хектар, а ќе ги ослободиме и од плаќањето данок, соопшти СДСМ.

Како што соопшти, СДСМ најавува дека ќе воведе субвенции до 50 проценти за нафта за земјоделската механизација, ќе ги поддржи младите фармери со 50 проценти при купувањето на првото стадо.

„Младите земјоделци, до 35 години, ќе добиваат за 10 проценти повеќе субвенции од основниот износ на субвенциите, ќе ги ослободиме и од закуп на државно земјоделско земјиште, а финансиски ќе им помогнеме и во трошоците за земјоделска механизација“, стои во соопштението.

СДСМ најавува и дека субвенциите за тутунот ќе бидат 80 денари за прва класа, 70 денари за втора класа, најниската субвенција ќе биде 60 денари за трета класа тутун, a четврта класа нема да има, ја укинуваме.

„Ќе го намалиме ДДВ-то за ветеринарните лекови од 18 проценти на 5 проценти“, додаваат од СДСМ.

СДСМ обвинува дека досега власта не се грижела за земјоделците, а субвенциите не секогаш завршуваа кај вистинските земјоделциидека речиси кај сите култури и гранки има намалување на посеаните површини и пад на вкупното производство.

„Ние тоа ќе го промениме. Ќе развиваме модерно и конкурентно земјоделство, со производи со повисока додадена вредност и поголема извозна ориентираност. Земјоделците ќе живеат подобро и ќе имаат квалитетни услови за живот во својата средина. Нашата цел е достоинствени земјоделци кои спокојно живеат од својот труд.Затоа е потребна нова и одговорна Влада на граѓаните којашто ќе се занимава со реалните потреби на земјоделците и ќе води реални земјоделски политики.Од 2017 година заедно со граѓаните ќе го создаваме животот што го избравме!“, се вели на крајот од соопштението на  СДСМ.

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести