Перо Костадинов: Како да го искорениме груевизмот од нас?!

Изминатата деценија груевизмот страотно ги редефинираше колективните општествени вредности и индивидуалните концепти и критериуми. Штетата е преголема, и за жал ќе треба да помине доста време за повторно да се прегрнеме со нормалноста. Иако, крајот на груевизмот е извесен, се плашам дека последиците од груевистичкиот масакр и лудило ќе не прогонуваат предолго и насекаде. Груевизмот го насадивме во нас. Го поливавме и растевме, па сега истиот неумоливо не гризе и допрва ќе не парчосува. Надворешните рефлексии од внатрешниот распад на личноста можеме да ги шминкаме и понатаму. Нормално, повторно попусто, неуспешно и ненормално. Но, промената започнува одвратне и основното прашање е како да го искоренеме груевизмот од нас?!

Груевизмот имаше за цел од личноста да создаде летаргична, индиферентна и бесцелна индивидуа. Банална и бесмислена. На секој начин се трудеше да ја изгубиме конекцијата со самите себеси, а со тоа и смислата.Груевистичката пропаганда изминатите десет години макотрпно работеше на тоа. Создаваше митови и немилосрдно личноста ја идентификуваше со најразлични апстракции, само не со самата себе. И успеа. Наеднаш животот на некоја измислена Фатмаѓул ни стана побитен од нашиот. Наеднаш бевме подготвени да се посветиме на нашиот фаворит од некое дегутантно реалити шоу и истиот да го бодриме везден, а патем и сопствените заби да заборавиме да си ги измиеме. А, требаше само да застанеме пред сопственото огледало и да си “залепиме” еден шамар. За да се (о)свестиме дека заборавивме на најбитниот. На тој пред огледалото!

Масовните медиуми беа системски деградирани до степен на нив да се емитува единствено подпросечност, шунд и груевистичка пропаганда. Владата ни велеше “Ти си Македонија”, а за ужасните состојби во државата секогаш беше виновен некој друг, а не Владата. Беше крив Бранко, па Цацко, па Грција, па Заев, па странски служби, па Сорос. Всушност бевме криви сите. Па, затоа сите почнавме да се претопуваме во колективната трагедија, и нашиот личен застој воопшто не го носевме во корелација со нас самите. Секој од нас бараше виновник во некој друг за својата бедна состојба. Во родителите, во другарите, во државата, во Бога. Магепсаниот круг од мал милион мали автодесткрукции несвесно не донесе до работ на егзистенција, хронична безидејност и брутална депресија.

Насекаде околу нас гледа(в)ме ерозија на базичните критериуми и вредности. Како печурки на влага се множеа подпросечни квази-интелектуалци кои благодарение на груевизмот тоалетната хартија ја претвараа во диплома, а себеси во шармантни кукли со крилца со единствена цел: одбрана на груевизмот и личната лукративна корист од груевизмот. Истите секојдневно го окупираа медиумскиот простор обидувајќи се жолчно да го прикријат и одбранат она што не се крие, а уште помалку пак се брани, односно криминалот, злоупотребите и злоделата на груевизмот. Уметноста и културата беа нокаутирани. Сето тоа само дополнително го уништуваше духот, енергијата и ентузијазмот. Вистинските умови и непокорливите професионалци ја напуштаа државата или беа маргинализирани. Нивните дипломи и вештини груевизмот ги претвараше во тоалетна хартија. Државните институции му служеа единствено да груевизмот, а не на секој еден граѓанин кој нив ги финансира и за кого се всушност создадени. Груевизмот преврте се наопаку. Ненормалното го победи нормалното, злото го уништи доброто, стравот го задуши ентузијазмот, а од квантитетот повеќе не се гледа(ше) квалитетот.

И уште долго и бесцелно ќе се превртуваме во истата оваа неподнослива состојба доколку секој од нас не ја превземе одговорноста и не се разбуди. Доколку не почне да се почитува самиот себеси и додека не сфати дека на политичарот и функционерот тој им ја дал привилегијата да креираат политики и перспективи; да бидат чесни и одговорни; да обезбедат правда и мир, за секој. Секој кој во вакви услови молчи соучествува најдиректно во нечесноста и неправедноста. Но, она што е најболно е тоа што продолжува да ја стимулира својата сопствена болка, страдање и бесмисленост наместо да се разбуди и да ги врати животот и живоста во себе. Да ги врати вербата, надежта и љубовта назад. Да сонува и да мечтае. Да цели. Да разбере дека иднината зависи исклучиво од него и дека чекајќи другите да му го отворат патот може да заборави и да се движи.

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести