Испитот по Англиски на директорот Златков ја укочи исплатата на субвенциите

Земјоделците, најверојатно ќе почнат да ги добиваат субвенциите од почетокот на наредната недела. Тие чекаа една недела, директорот на Платежната агенција, Игор Златков, да го положи испитот по англиски јазик за да може да ги исполни условите потребни за директор на Агенцијата.

Денеска, како што Златков изјави за Плусинфо, треба да завршат и формалностите за депонирање на потписот во Централниот регистар по што ќе може да ги потпише налозите за исплата на субвенциите.

– По 14 часот треба да биде завршена формалноста за депонирање на потписот во Централниот регистар и ако сѐ биде во ред уште денеска ќе ги потпишам налозите. Тоа значи дека и од денеска ќе може да почне исплатата на субвенциите или најдоцна од понеделник – изјави Златков.

Според него, прво ќе почне исплатата на заостанатите субвенции од 2015 година.

– За 2016 година ќе одиме постапно. Прво ќе се исплаќаат субвенциите за поледелство и млеко, па потоа за тутунопроизводство и како што одат по редослед, но нема да можеме да ги исплатиме сите одеднаш, туку постепено – додаде Златков.

Од земјодeлските здруженија со кои контактиравме денеска ни изјавија дека и тие ја добиле истата информација од Платежната агенција.

– Чекавме подолг период, па ќе почекаме ште неколку дена, ако е проблем потписот на директорот. Но ако проблемот е друг, односно ако некој сака да нѐ изманипулира тогаш ќе треба да се состанеме по дадениот рок и да се договориме што ќе правиме понатаму. Ние не сакаме да правиме проблеми, но ако бидеме принудени ќе протестираме – вели Ефтим Шаклев, од Асоцијацијата на земјодeлци.

Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци, пак, вели дека неговите информации се дека од понеделник ќе се знае дали ќе почне исплатата.

– Сметам дека оваа состојба со субвенциите треба да заврши. Не може субвенциите да зависат од тоа дали ќе има или не изборите. Кај нас се одржуваат избори секои три месеци што значи секои три месеци ќе има застои во исплатата, па затоа на ова прашање конечно треба да му се стави крај – вели Тантаров.

Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјодлеците се сомнева дека одолговлекувањето со исплатата на субвенциите не е поради потписот на директорот на Платежната агенција.

– Најверојатно нема пари и сега нѐ замајуваат со секакви измислици. Прво беше дека антикорупциската требало да даде мислење, па менуваа директори и сега на ред е потписот на директорот на Платежната агенција. Сепак, принудени сме да чекаме да видиме што ќе се случи на почетокот на наредната недела па ќе се договориме со другите земјоделски здруженија што ќе правиме – вели Велков.

Државата им должи на земјоделците субвенции од 2015 година и скоро сите субвенции од 2016 година. Дел од лозарите и оризопроизводителите добиле субвенции, но останатото треба да се заврши до последниот рок кој е 30 јуни.

Плусинфо

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести