Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која веќе со денови протестира во одбрана на „унитарноста на Македонија“, викендов во градскиот парк во Скопје организираше музички хепенинг во рамките на кој деца од најмала возраст цртаа цртежи со националистичка содржина – знамиња, сонца, употреба на црвена и жолта боја и испишуваа „Македонија“.
Пишува Ана Анастасовска
Како награда за нивниот труд и „патриотизам“ им беа делени чоколатца со порака „За заедничка Македонија“.
Ова не е првпат граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ да ги злоупотребува децата во политички цели, во одбрана на државата, зад која всушност се крие одбраната на режимот на Груевски.
Низ улиците на Скопје деновиве може да се видат како мали дечиња се влечкаат по протести на кои се извикуваат националистички пароли. Прошетаа и малолетни „шмизли“, а секојдневно се вршат притисоци и во средните школи каде директорите им даваат наредба на децата да излезат на улица да протестираат, да ја бранеле државата, наместо да учат и да се образуваат.
А од кого тие деца треба да ја браната државата? Што разбираат децата од политика и зошто ги труете секојдневно со вашите теснопартиски и политички интереси и мотиви? Зарем дојдовте дотаму и децата да ги манипулирате? На што ги учите, дека треба да ја бранат државата од нивните сограѓани? Па зарем така ве учеа и вас постарите кои растевте во „братсвото и единството“?
Груевски и компанијата околу него, наместо за овие десет години власт да им обезбедеа на нашите деца држава во која безгрижно ќе живеат и ќе се образуваат, тие уништија се што можеа, направија пустош, не осиромашија, па сега ќе не хранат со национализам, а нашите деца ќе ги хранат со нивниот лажен патриотизам. Нашите да се хранат со патриотизам, нивните да се возат со Мерцедеси од 600 илјади евра.
Слободен печат


