Ви пренесуваме дел од колумната на Ѓорѓи Спасов за Призма:
откако ќе биде исцрпено пријателското убедување на Иванов и на Груевски од страна на САД и на ЕУ, СДСМ и партиите од новото парламентрано мнозинство се надеваат дека тие двајцата, како и нивниот пријателски круг, ќе бидат соочени и со еден вид санкции со кои јавно ќе биде изразено негодувањето на САД и на ЕУ од игнорирањето на нивните пораки и препораки.
Освен забраната за патување во САД и заплена на имотот на Иванов и Груевски и на нивните бизнис и политички пријатели кои ги поддржуваат во креирањето атмосфера за војна во Македонија, можно е да се соочат и со меѓународни истраги за проневерени пари од европските фондови, за вклученост во меѓународен криминал и да станат предмет на меѓународен кривичен прогон.
Истовремено, Европската народна партија ќе си ја заврши и својата домашна задача, со јасни предупредувања до ВМРО ДПМНЕ дека отстапува од начелата на партијата и дека може да биде исклучена од неа ако Груевски како лидер во најкус можен рок не ја напушти лидерската функција во партијата.
По конгресот на ЕПП во Малта се чини дека и на Груевски му е сугерирано такво нешто, па тој не само што веќе не се појавува како лидер на партијата туку и објавувањето на Прогласот на партијата за надминување на кризата им го препушти на тројца свои соработници кои претендираат за негови наследници на чело на партијата.
СДСМ и партиите од политичкото мнозинство, стоички го издржуваат и теророт на малцинството во Собранието на Македонија.
Тоа се чини е неопходно, за во извесен период новото параламентарно мнозинство да ја убедува јавноста дека бара мандат врз основа на владина програма со која се гарантира дека нема ниту воведување двојазичност, ниту кантонизација и федерализација, ниту промена на Уставот, ниту промена на име без широк консензус на граѓаните. Но, и тоа малтретирање има свој рок на издржливост.
Како што соопшти Зоран Заев, „парламентарното мнозинство не смее и нема да си дозволи да биде тероризирано од парламентарното малцинство до бесвест“, без оглед на заканите од некакви инциденти.
Во еден момент и тоа мошне бргу, новото параламентарно мнозинство може да се состане по барање на 20 пратеници, да избере претседател на Собранието, а дури и без мандат од Иванов, да формира влада.
Тоа ќе личи на создавање паралелни институции, и ќе ги засили обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ за некаков државен удар, со закани дека таквите одлуки ќе ги поништи Уставниот суд, но сето тоа ќе заврши за само неколку дена доколку владата на новото парламентарно мнозинство под итно биде признаена од САД и од ЕУ.
По таквата одлука, ВМРО ДПМНЕ може да го напушти Собранието и да го бојкотира, како тоа што го правеше СДСМ, но новото парламентарно мнозинство ќе треба веднаш да пристапи кон донесување одлука за одложување на локалните избори и нивно закажување за во октомври.
ВМРО ДПМНЕ ќе биде уште еднаш соочено, како и СДСМ во 2013 година, со одлука дали да ги бојкотира или да учествува на тие локални избори, а веќе следната 2018 година се и новите претседателски избори на кои таа партија ќе оцени дали да учествува како дел од Собранието или како вонпарламентрана опозиција.
Сложено и тензично, но праведно и исправно
Сето ова не е едноставно и е сложен политички процес во кој се можни различни „изненадувања“.
При формирањето паралелни институции, постои опција Иванов да ја активира војската и да прогласи вонредна состојба, иако тоа нема да биде можно ако е веќе конституирано Собранието. За време на седниците на новото парламентарно мнозинство и седниците на новата влада можни се нови и помасовни насилни протести. Можно е власта во заминување да исценира и некаква надворешна опасност по Македонија или некакви меѓуетнички инциденти.
Но, новото параламентрано мнозинство и Зоран Заев не смеат да покажат дека политичкото насилство на ВМРО ДПМНЕ успева и дека се наградува. Да се надеваме дека тоа нема да го дозволи и меѓународната заедница.
СДСМ и новото парламентарно мнозинство мора да имаат јасна идеја и храброст од неа да не отстапат во процесот на промената на власта, а во клучни моменти и низ големи митинзи да ја демонстрираат поддршката од народот.
Нивната способност да издржат политички притисок и закани од страна на власта која заминува, ќе биде од суштествено значење за воспоставување правна држава и остварување на промените за кои гласаа мнозинството граѓани. Тоа ќе биде важно и за зачувувањето на суштествениот елемент за социјална и политичка кохезија во земјата.
Оние што носат некакви нови Манифести, по повод нивниот четврти Илинден, во кои се повикуваат на Манифестот од Крушевската Република, на документите на АСНОМ и слично, а завршуваат со барањето нови избори, само затоа што резултатот од одржаните не им е по волја, треба да се остават да живеат во нивната илузија, додека не сфатат дека 19 век одамна е поминат.
Во Македонија ниту се случи ниту ќе се случи украинското сценарио, бидејќи идејата за членството во ЕУ и во НАТО е обединувачка и никој барем јавно не ја спори. Од украинското сценарио ние го имаме само нашиот Јанукович во ликот на Иванов, и „десниот сектор“ од партијата која со години ги игнорираше борците од НОБ и антифашистичката револуција во која е создадена Македонија.
А тоа се случуваше, бидејќи некои од дедовците и татковците на македонскиот „десен сектор“ за време на таа антифашистичка војна беа на другата страна, а сега нивните наследници, како и Мари Ле Пен, станаа миленици на Путин.
Целата колумна на Призма на следниот линк.


