Емилија Лазаревска: Послушајте патриоти

Вашите деца, тие што се сега на 15 годишна возраст, се функционално неписмени. Така вели Светска банка. Тоа значи дека Вашите деца во изминатите речиси 11 години, токму колку што владее гарнитурата на Никола Груевски, се образовно ,,осакатени“. Тоа значи дека целиот образовен систем, од најраната возраст на Вашите деца, предшколското образование, па се до средно училиште, е погрешен и е голем неуспех за владата на ВМРО ДПМНЕ, која во изминатите години потроши огромни суми Ваши и наши пари патриоти, и направи функционално неписмени генерации.

Тие деца, така кажува Светска банка, покажале многу лоши резултати на тестирањето и се прогласени за функционално неписмени, затоа што во голема мера не знаат да читаат, не знаат математика, не знаат да пишуваат и што е можеби најстрашно од се- тие не разбираат ништо од тоа што го учат! Македонија, патриоти, од 72 тестирани земји во светот, е на 68 место. На дното! Полошо од Вашите деца, читаат  и пишуваат само децата во Косово и во Доминиканска Република, и уште две земји. Каков пораз на една политика. Каков пораз за една држава. Каков пораз за родителите на тие деца. Но, најголем пораз, за жал, ова е за самите деца. Генерации неописменети ученици кои, кога ќе стасаат во светот на возрасните, значи уште три години, ќе бидат добра цел за бескрупулозните политичари од маштапот на Груевски, и неговите министри Никола Тодоров и Спиро Ристевски. Ќе ми простите, актуелниот министер за образование не ми е познат.

Во нормални држави, ваков податок би бил доволен сам по себе за оставка на целата Влада. Во нормални држави каква што не е Македонија, веднаш би се зеле на одговорност сите министри за образование во изминатите 11 години, директори на Биро за образование, би се кренала таква тревога што тие што довеле до оваа погубна образовна состојба на десетина генерации млади луѓе, би ,,виселе“ на плоштад,(ова во пејоративна смисла, не буквално) заедно со нивните ,,образовни програми“, учебници, историски фризирани и со лажни факти. Заедно со нив би биле исфрлени на кладата на срамот и сите учители, наставници, педагози и пред се директори на училишта, кои и самите се функционално неписмени, но имаат функционална партиска книшка од ВМРО ДПМНЕ, која е пасош со кој можете да станете новинар, директор, учител, министер се разбира, судија, медицинска сестра, па дури и доктор!

Но, никој не се потресе заради ова. Дури никој и не зборува за овие изгубени генерации млади луѓе. Затоа што некому токму такви им требаат.

За патриотите чии деца се функционално неписмени, патриотски е да го излажеш своето дете дека ќе го носиш во парк да црта,( па кое дете нема да сака да си игра и да црта), и притоа свесно да ги ставиш во функција на политички протести организирани од ВМРО ДПМНЕ и од никој друг, да се разбереме. Патриотски е за нив да ги ставиш своите неколкугодишни деца на чело на протестната колона, организирана од ВМРО ДПМНЕ и од никој друг, и тие, децата, да ги направиш дел од националистичка колона која пропагира ,,Чиста Македонија“ и ,,Смрт за Шиптари“. Вие, нам останатите над еден и пол милион граѓани на оваа држава ни кажувате дека сме предавници, а ги злоупотребувате своите деца да протестираат за ,,Унитарна Македонија“?! Па срамота, патриоти.

Кое дете ја разбира суштината на било која политичка борба, па и на Вашата за ,,Унитарна Македонија“?  Македонија беше поделена токму меѓу Груевски и Ахмети преку принципот победник со победник, патриоти. Тие имаа договор да не си се мешаат еден на друг. Груевски беше премиер на Македонците, Ахмети на Албанците. Министрите на командант Али јавно кажуваа дека тие даваат отчет само пред Ахмети и пред партијата што ги номинирала. Министрите од ВМРО ДПМНЕ, вклучувајќи го и божемниот премиер Димитриев, одговараат и се уште му даваат рапорт за своите постапки само на Груевски и на партијата што ги номинирала. Ако сте отишле во Западна Македонија , патриоти, во последните десет години, ќе сте виделе дека не македонски, на јарболи се веат албански знамиња. Ќе видите дека натписите на поголем дел од фирмите се испишани на албански или двојазично-на албански и на македонски. Ќе чуете дека голем дел од помладите генерации Албанци не знаат да зборуваат македонски. Не зборуваат двојазично, патриоти, еднојазично зборуваат, бидејќи не го учат македонскиот јазик до петто одделение.

Наместо да бидете сериозно загрижени дека Вашите деца се веќе дел од еден пропаднат образовен систем кој произведува функционално неписмени граѓани, патриоти, вие нам ни кажувате скаски за патриотизам?

Колкумина од вас веќе им имаат обезбедено бугарски пасоши на своите деца? И не, не е ова обвинување. Секој родител ќе направи се за своите деца, па понекогаш и работи со кои не се согласува или длабоко во себе не ги поддржува. И секој што не е заблуден, задолжен кај фамилијата или дури и оние што искрено веруваат дека ја бранат Македонија од нас предавниците кои не го поддржуваат манипулаторот, лажгото и аболицираниот криминалец Груевски (овие ,,епитети“ се преземени од соопштенија на ВМРО ДПМНЕ како поими) ќе направи се да го извлече од оваа безперспективна држава.

Патриотизмот, патриоти, не е удирање во гради колку ја сакаш Македонија. Ние, кои сме родени и сме живееле во, за вас омразената Југославија, уште отогаш во своите лични документи сме се изјасниле како Македонци . И сега вие ли нас ќе не нарекувате предавници, изроди, платеници, само затоа што не сакаме да не води една криминална багра која ја опљачка, подели и раскара  Македонија?

 

 

Колумната на Емилија Лазаревска на Ако.мк

 

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести