Пратеникот од СДСМ Љупчо Николовски денеска потсети дека поради блокадата на Собранието, нарушено е функционирањето на државата, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за земјоделците.
-Поради несериозноста и неодговорноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните пратеници, илјадници земјоделци и нивните семејства го дочекуваат Велигден без пари. Луѓето се оставени без субвенции токму во времето кога највеќе им се најпотребни за нови вложувања. Дел од нив се задолжуваат за да продолжат да работат. Дел од нив немаат кој да им помогне, и тие, ако не посадат род, следната година нема да има ни од што да се прехранат, рече Николовски на денешната прес конференција.
Тој додаде дека со недели досегашната власт ги лаже земјоделците дека исплатата на субвенциите само што не почнала, додека секојднево смислуваат нови изговори да не им ги исплатат парите на луѓето, префрлувајки ја одговорноста од една на друга институција.
– И по смена на тројца директори на Платежната агенција, субвенциите не се исплаќаат, а Министерството за финансии молчи – зошто земјоделците не ги добија своите субвенции што им следуваат по закон, рече Николовски.


