46- годишник со чекан ја скршил влезната врата на семејната куќа на соседот и го убил. Повредил уште четворица. По извршувањето на делото се вратил дома и на социјалните мрежи напишал дека ги убил „своите монструми“.
Вакво сценарио како на хорор филм се случувало во Велес.
Жителите на улицата „Коле Цветков” во Велес не можат да поверуваат на информациите за тоа што се случило рано утрово во нивното маало. Д.Н. (66) е мртов, неговата сопруга Л.Н. (55) е во животна опасност, а уште четири лица од истото семејство лежат повредени во велешката болница. Нивниот сосед рано утрово влегол во нивниот дом и со чекан и хебла го извршил ова грозоморно дело.
Според Јавното обвинителство, од засега непознати причини, изутринава околу 2 часот С.В. (46), со чекан ја скршил влезната врата во семејната куќа на соседот, влегол во собата кај неговата 30-годишна ќерка и со чекан ја удрил по главата. Следна цел биле нејзините татко и мајка. Таткото бил смртно погоден.
Викотници за помош чуле братот на починатиот и неговата сопруга кои живееле на другиот кат од куќата. Истрчале да видат што се случува. Но, и тие завршиле со чекан во глава. Велешанецот за кусо време бил приведен. Повредените биле донесени во велешката општа болница.
Истрагата е во тек, се открива мотивот за ваквиот свиреп чин. Првично, од полицијата соопштија дека станувало збор за влошени меѓусоседски односи.


