На Панчевски му се суди за манипулирање на електронскиот АКМИС систем додека беше Претседател на Кривичниот суд. Велешкиот суд е одбран да го води овој предмет за во Скопје да нема пристрасност поради тоа што Панчевски работеше во главниот град.
Тој денеска рече дека не разбира зошто е обвинет бидејќи обвинението го примил во Шутка каде е во притвор од 15 овој месец. Побара увид во доказите. Дополнително и Панчевски и неговиот адвокат побараа тој да излезе од притвор оти имал судски имунитет, а документот за негово разрешување не бил потврден од Врховниот суд.
Но, Врховниот суд експресно го поби тврдењето на адвокатот на Панчевски. Жалбата на разрешениот судија беше одбиена.
„На седницата одржана на 26.06.2020 година Советот за одлучување по жалба донесе решение со коешто жалбата на жалителот ја одби како неоснована, а ја потврди одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, наведуваат од Врховен.
Судењето против Панчевски продолжува во понеделник. Инаку, тој е обвинет дека додека бил шеф на Кривичниот суд, на рака делел предмети кај судии за кој сметал дека му се од доверба. Според обвинението, над 40 случаи се поделени така, а меѓу нив и две обвиненија кои ги поднесе веќе згаснатото Специјално обвинителство.
]]>


