Заев на прес-конференција во Владата истакна дека 91,7 милиони евра од вредноста на пакетот се директни буџетски трошења.
-На денешната владина седница е затворен пакетот за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Овој пакет директно се надоврзува на претходните четири и има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на раст од 4 – 5 проценти, односно на динамиката на раст што ја имавме пред пандемијата, рече Заев.
Поддршката од повеќето мерки, рече, ќе се користи до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата. Мерките се донесени низ дијалог и партнерство со сите релевантни чинители – стопанските комори, работодавачите и синдикатите, како и изминатите четири пакети, проследени со сериозни анализи од институциите.
– Мерките ќе го заокружат процесот на директна поддршка со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од кризата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително очекуваме да се стимулира. Со кредити со ниски камати и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП во вториот квартал на 2021 година, истакна премиерот.
На прес-конференцијата во Владата присуствуваат заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.
MИА
]]>


