Интервју со писателот Владо Јаневски: Најголем предизвик ми бил и сè уште е – да не си го заборавам мајчиниот јазик

Владо Јаневски е македонско-австралиски писател, сликар, илустратор, стрип уметник, до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија. Роден е во Прострање, Македонија. Најубавите денови од детсвото ги поминал во Велмевци и Битола. Гимназија завршил во Битола, а високо образование стекнал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде живее до 1989 кога заминува за Австралија. Отогаш живее во Сиднеј и често патува по светот. Досега престојувал во преку шеесетина земји. Jaневски ги објавил романите: „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Либрис“, Скопје, 2020), „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019) и „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004). Тој е автор и на збирката раскази „Нема враќање“ ( со наградан„Студентски збор“, Скопје, 1985), а минатата година ја доби и наградата „Пегаз“ за романот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“., а застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008) и „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007 и 2021). Изложувал во Сиднеј и на интернет.

Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувувал карикатури во познатиот Австралиски Њусвик Булетин. Неговиот дневен стрип „As Long As We Try”редовно се објавува на Фејсбук и го следат над 2700 читатели. Од средината на март оваа година почна да работи на својот најнов стрип „Палавковците“, што се објавува дневно на истоимената страница на Фејсбук и брзо си ја наоѓа својата публика.

Што сакаше да биде Владо во животот? Како започна да пишува и да твори. Креативноста се должи на што?

Во животот ништо не ми било сервирано на послужавник, ниту нешто сум наследил од моите родители, освен упорноста да се истрае. Потекнувам од работничко семејство. Родителите се обидувале да ми ги задоволат основните егзистенцијалните потреби и образование, другото зависело од тоа колку брзо ќе се осознаам себеси и самиот откријам кој сум и за што ме бидува. Со уметноста, како и со многу други нешта во животот, почнав да се запознавам на своја рака – како знаев и умеев. Најчесто учев од своите грешки. Посериозно почнав да се занимавам со пишување и сликање кога заминав на студии. Една од првите работи на кои налетав во Скопје беше ликовниот клуб „Ко-Ра“ каде со помош на уметникот Ѓоко Матевски навлегов во тајните на сликарството. Учествував и на конкурсот за расказ во тогашниот весник „Студентски збор“ каде испратив неколку свои раскази (секогаш под шифра) и се израдував кога ги добив првата и третата награда и уште некои откупни. Следните години уште неколкупати ги добивав главните награди. Уредникот на весникот не можеше да поверува кога пред себе виде еден бруцош од Технолошки факултет штотуку дојден од внатрешноста, кој се претстави како автор на сите тие наградени раскази. Ми беше особено драга честитката од Гане Торовски, еден од членовите на жирото. Подоцна уредникот ми предложи наградените расказите да ги објават во збирка за која добив и пристоен хонорар кој ми се најде да се подзакрпам во студентските денови бидејќи во Скопје, дојден од внатрешноста, живеев оскудно, од денес за утре. Ми помогна и еден подолг инспиративен разговор со Петре М. Андреевски. Бев пријатно изненаден од неговата непосредност и разбирање за моите почетоци во пишувањето.

Оттогаш речиси и не сум престанал да пишувам и да сликам, тоа продолжи и кога се преселив во Австралија. Со моите раскази сум освоил награди и на конкурсите во Нова Македонија, а повеќепати бев наградуван и на конкурсот за краток расказ „Електролит“ на „Темплум“ од Скопје. Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, која ја освоив во 2020, ми е особено драга.

Го сакав и сликарството. Освен членувањето во ликовниот клуб „Ко-Ра“, еднаш пробав да се запишам на Ликовната академија во Скопје, но не го поминав приемниот испит. Подоцна дознав дека (со чесни исклучоци), ако не си пробал повеќе пати, не си можел да се запишеш без врски. Па така, решив иако без диплома од тој факултет, да навлезам и во тајните на ликовната уметност и мислам дека со време изградив свој, препознатлив стил. За среќа, има љубители на уметноста во Австралија и во други делови од светот на кои им се допаѓа тоа што го работам, ги купуваат моите цртежи и слики, а сум бил и изложуван.

Како Владо заврши во Австралија? Што беше пресудно?

Не беше лесна одлука да заминеш и да живееш во друга земја. Но, со мојата сопруга се согласивме дека се важни слободата на изразување, напредувањето во струката без притоа да се слугува на некоја партија, финансиската стабилност, обезбедувањето покрив над глава, пристојниот живот… Заклучивме дека ако повеќето од овие нешта не се исполнети или не се на задоволително ниво тогаш сериозно треба да размислуваме за заминување. Никој нема да биде вечно на ова земја и природно е човек да се стреми кон нешто подобро додека за тоа има шанса. Од дома заминав уште за време на студирањето. Тоа беше првиот чекор, мал чекор, бидејќи беше само преселување од Битола во Скопје. Набрзо ми се објави збирката раскази. Пишувајќи, и со објавена книга, би се очекувало да студирам книжевност или нешто слично. Сепак одлучив да дипломирам на Технолошкиот факултет во Скопје. Мислам дека не згрешив, бидејќи на тој начин можев да си обезбедам редовни средства за живот и непречено да продолжам да пишувам. Потоа следуваше следниот чекор, далеку поголем од претходниот, заминување за Австралија. Ми одеше во прилог тоа што универзитетската дилома ми ја признаа во Австралија. Тука долги години работев за неколку водечки светски компании – најчесто на истражувачки и развојни проекти, формулирајќи најразлични индистриски производи. Меѓутоа пред неколку години решив да престанам активно да работам во оваа струка, доста ми беше од технологијата и науката и од стресот што оди со таа струка. Оттогаш почнав повеќе да се свртувам кон она што и онака паралелно го правев цело време: пишување, сликање, илустрирање и патување по светов.

Повеќе на линкот: Позитивно.мк

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести