Осум од осомничените се уапсени во Австрија, Естонија и Финска и ѝ припаѓаат на банда од Естонија, специјализирана за грабеж на луксузни европски продавници за накит, јави АФП, повикувајќи се на извори од италијанската полиција.
Во март 2017 година, членовите на бандата фрлиле димни бомби на плоштадот Свети Марко во Венеција, обидувајќи се да го привлечат вниманието на јавноста и полицијата пред да упаднат во златарницата.
Но, грабежот останал само обид бидејќи еден турист ја предупредил блиската полициска патрола, по што вооружените разбојници побегнале.
Снимките објавени од италијанската полиција покажуваат како осомничен става димна бомба во подножјето на камбанаријата на плоштадот Свети Марко и ги паничи туристите кои бегаат од местото на настанот откако започнува да се крева густ облак од чад.
Другатa димна бомба била поставена во блиската улица.
Веста за апсењата e објавена денескa, а следува по долготрајната истрага координирана од Европол.
Полицијата соопшти дека членовите на бандата се одговорни за три слични грабежи, во Корзика и Австрија, во 2016 и 2017 година. Вредноста на украдениот плен се проценува на еден милион евра.
Меѓу уапсените е и водачот на бандата, кој се криел во Финска. Италијанската агенција АГИ наведува дека тој веќе бил осудуван за разбојништво, но и за убиство.
]]>


