Еден од нив е земјоделецот Денис Теловски од село Будаково кој има желба за поставување на млекомат, само не му се познати условите, кои документи и какви дозволи за поставување на апаратот му се потребни.

-Ние имаме фарма со 50 крави, произведуваме сами добиточна храна и имаме желба да продаваме млеко преку млекомати. Веќе се интересиравме и можеме да го набавиме од Турција, таму има многу вакви апарати поставено. Само не знаеме на кој начин и каде да се обратиме – прашува Теловски.

Најнапред информација за можноста да се продава млеко преку млекомати, побаравме од Агенцијата за храна и ветеринарство. Директорот на АХВ, Николче Бабовски ја објасни постапката согласно правилникот за ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло и за легална продажба на млекото од малите фарми преку млекомати. Тој вели дека кај нас за жал, сеуште нема ниту еден млекомат но затоа интересот од сточарите е голем.
Со правилникот за директно снабдување со храна од животинско потекло, детално се регулира ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло и за легална продажба на млекото од малите фарми преку млекомати за што, производителите ќе треба да ги исполнат највисоките критериуми за безбедност и квалитет. Млекоматите во Европа се одамна присутни на пазарот, а од неодамна ги има и во соседните земји.
Членот 10 од Правилникот ги уредува условите за директна продажба на млеко преку апарат – млекомат, преку кој се врши продажба на сурово, термички нетретирано млеко. Ставањето во промет на сурово млеко преку млекомат може да се врши само доколку млекоматот да е евидентиран-пријавен во регистрацијата на примарниот производител, кој врши директна продажба на млеко на овој начин само од страна на производител на млеко. Суровото млеко во млекоматот не смее да биде чувано подолго од 24 часа од молзењето, а апаратите треба да ги исполнуваат пропишаните барања за безбедност на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната. Контејнерот што се користи за транспорт на сурово млеко треба задолжително да се чисти и дезинфицира по секоја употреба, температурата на млекото во млекоматот треба да се одржува на температура од 0 до 4°C и да биде јасно истакната на екранот на млекоматот. Задолжително е на млекоматот да бидат достапни информации за опис на производот („сурово млеко“) со препорака за варење на млекото пред консумација, име, адреса и информации за контакт со производителот и регистерски број на операторот, датум и час на молзење и датум и час на полнење на млекоматот. Суровото млеко кое не се продало преку млекоматот може да се користи за производство на производи од млеко или како храна за животни на одгледувалиштето од кое потекнува. Количината на сурово млеко која може да стави во промет или да се преработи во млечен производ согласно овој правилник, наменет за директно снабдување, може да биде најмногу 700 литри неделно, односно 100 литри дневно за кравјо млеко и неограничена количина на млеко од овци и други животински видови.

Во врска со поставувањето на апаратот на одредена локација, доколку е на јавна површина бара согласност од општината врз основа на докумен од Агенцијата за храна и ветеринарство за завршена постапка за регистрација.
]]>


