Оваа година, како никогаш досега се бара земја повеќе за сеидба на сончоглед и други земјоделски култури.
Нашиот земјоделски производител Митат Исмаиловски од село Будаково е веќе познат по сериозно производството на сончоглед и житни култури на големи површини. Тој традиционално сее сончоглед секоја година на над 100 хектари. Годинава оваа маслодајна култура ја насеал на 135 хектари.

-Со сеидба започнав пред 12 дена и еве веќе се гледа поникнато и во одлична состојба. Насеав на 135 хектари, ама да имав земја ќе насеев на 1350 хектари – изјави за Агротим, Исмаиловски.
Тој ја потенцира важноста на Договорното производство заради сигурноста на откупот, но и поддршката од државата која секогаш вели е добредојдена.
-Годинава ѓубривата беа многу скапи, се мислевме како ќе сееме и како ќе произведеме. Но имавме состанок во Министерството за земјоделство на кој бев поканет и јас и таму јасно кажавме што ни треба како помош, најмногу за набавка на ѓубривото. Сега останува само да ги извршиме сите работи околу сончогледот и да не послужи времето па да обезбедиме домашна суровина за масло за јадење. Со фабриката „ Кристал 1923“ од Велес досега имам позитивно искуство, верувам така ќе биде и годинава. Очекуваме добра цена за да ни се исплати производството – изјави Исмаиловски.

Министерството за земјоделство преку Интервентниот фонд обезбеди 40% субвенции за набавка на ѓубриво, а исплатата е следната недела.
-Сеуште не сум пријавил дека сум купил ѓубриво, бев зафатен со сеењето. Но на министерот Николовски му препорачувам, покрај овие добри мерки, да има повеќе огласи за државна земјоделска земја под концесија оти сакаме и можеме да ја работиме. Така ќе помогнеме и на државата да има повеќе домашна храна, – заклучува Исмаиловски.

Извор – Агротим
]]>


