Повредениот затворски полицаец, во кој синоќа пукал осуденик при бегство од затвор со простерни рани е пренесен на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ, каде што се сместуваат пациенти во најтешка здравствена состојба.
По неколкучасовни обиди на Фактор да се добие информација за неговата здравствената состојба, директорката Маја Мојсова Мијовска, кусо одговори дека „нема изјава“.
Затвореникот осуден на затворска казна од 20 години заради убиство синоќа избегал додека бил превезуван кон болница. Тој успеал да му го земе пиштолот на полицаецот кој возел и да пука со него при што го ранил.
Управата за казнување и санкции денеска најави вонреден надзор во затворот во Идризово за да се утврдат околностите, а МВР соопшти дека ноќеска четворица вработени во Затворската полиција кои биле со комбе „Форд транзит“ побарале помош од полициски службеници од СВР Скопје. Според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М од КПУ „Идризово“ кон Ургентниот центар „Мајка Тереза“, на автопатот осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х од затворската полиција, пукал и го ранил. Потоа осуденикот побегнал со патничко возило „ауди“.


