Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ преку својот профил на Фејсбук им го честиташе денот на лозарите.
„Денеска на празникот Св. Трифун, со закројувањето на лозите и полевањето со вино, лозарите симболично ја означуваат новата сезона на производство. Северна Македонија е синоним за вкусно грозје, реномирани винарии и врвни македонски вина, кои се најдобрите македонски амбасадори во Европа и светот“, објави Маричиќ.
Тој ја пофали нашата плодна земја.
„Лидери сме во искористеноста на ИПАРД Програмата, финансиска поддршка која ЕУ ја дава за македонските земјоделци и која ќе продолжи и во периодот 2021-2027 година, преку ИПАРД III, чиј буџет изнесува 97 милиони евра. Македонското вино одамна е во ЕУ. Сите клучни закони од областа на земјоделство и храна ги имаме усогласено со европското законодавство и се врши нивно редовно изменување и дополнување во насока на доусогласување, што е потврдено и од страна на Европската комисија во годишниот Извештај“, истакна Маричиќ.
Како што посочи почетокот на преговорите со Унијата значи и подготовка за користење на сите предности кои ги носи членството, во областа на вино и храна.
„Ќе бидеме дел од Европската економска зона и дел од единствен пазар меѓу државите членки на ЕУ, со што ќе се овозможат нови пазари и ќе се понудат нови можности за македонските производители. Македонските земјоделци ќе добиваат поголема поддршка и стабилност на пазарот. Пристап до значаен дел од фондовите на ЕУ, многу поголеми од сегашните“, напиша Маричиќ.
„Моделот на ЕУ ќе биде поттик за македонските земјоделство, бидејќи постојат механизми за поддршка на малите фарми. Важно е што ЕУ не го ограничува развојот и зголемувањето на производството, како што често може да се слушне во јавноста, туку напротив ја поддржува конкурентноста на производителите и воведувањето на стандардите на ЕУ, а во исто време инсистира на регионална соработка.
Ќе регистрираме и заштитуваме традиционални македонски земјоделски производи.
Македонската храна и вино ќе бидат 100% безбедни и сигурни и конкурентни на европскиот пазар“, напиша Маричиќ и им посака на лозарите богата жетва и квалитетно, врвно вино на европскиот пазар, што ќе е гордост за секој од нас.


