И додека руските медиуми пишуваат како луѓето во сепаратистичките региони во Украина се многу среќни затоа што 8 години ја чекале слободата, репортерот на Си-Ен-Ен, Метју Ченс, стигнал во близина на аеродромот Антонов, што се наоѓа нешто повеќе од 20 километри од центарот на Киев, и го потврди она што се шпекулираше – аеродромот е под контрола на Русите.
„Овие војници кои ги гледате се Руси. Да, тие го зазедоа аеродромот“, вели Ченс во видеото што самиот го објави на социјалните мрежи.
„Само што разговарав со командантот на оваа единица и тој ми потврди дека аеродромот е под нивна контрола, а украинските сили подготвуваат контранапад. Русите ќе се обидат да воспостават „воздушен мост“ над аеродромот за полесно да се префрлат нивните сили и опремата во предградијата на Киев.
Претходно, Ченс бил со украинските војници. Тој рече дека тие биле многу уморни и исплашени додека го чекале рускиот напад, кој, како што вели, неизбежно ќе се случи.