
Стариот град Калеичи – срцето на Анталија
Милионскиот град Анталија е позициониран во Анталискиот залив и е поделен на современ и стар дел. Првиот, модерниот ќе ве воодушеви со современи згради, булевари со палми, трговски центри, елитни ресторани и широки улици обоени во цвеќе. Од една таква улица, ќе ја здогледате раскошната Хадријанова порта, изградена во чест на римскиот император Хадријан и неговата посета во 130тата година. Зад белите мермерни столбови со чудесен релјеф, се крие тврдината и влез во стариот град наречен Калеичи (Тврдина). Токму тука почнува магијата низ малите, тесни улички, на кои стојат гушнати автентични турски куќи, стари градби претворени во уникатни бутик хотели, совршено надополнети со кафулиња, продавнички, слаткарници. Искачувајќи се по поплочаната чаршија, на врвот се излегува пред прекрасниот парк Каралиоглу, најстариот во Анталија. Оттаму, погледот на марината и на морето едноставно одзема здив.

Во непосредна близина се наоѓа и музејот кој е преадаптиран од куќата во која во минатото отседнувал Мустафа Кемал Ататурк, а денес во него се изложени негови лични предмети. Калеичи е познат и по богатата културна програма, фестивали и други уметнички настани. Во марината која се наоѓа на подножјето на Калеичи, ќе видите голем број бродови со кои на еднодневна тура ќе го доживеете Анталискиот залив на незаборавен начин.

Конјаалти – десерт за велосипедистите и пешаците
Доколку сте љубител пред се на велосипедизмот и џогирањето, Конјаалти кој го сметаат за еден од најубавите делови на градот е вистинското место за вас. Името потекнува од изразот „koy altı“, што на турски јазик значи „залив под карпите“. На површина од 10 километри, можете да спортувате на тениските, кошаркарските и одбојкарските терени, на патеките за џогирање или пак да уживате на сончевата плажа.

Импресивните водопади Дуден
На десетина километри од стариот град Анталија, онаму кадешто реката Дуден се влева во море, се наоѓаат импресивните водопади Дуден за кои веројатно веќе сте читале во некое светско списание. Водопадот Долен Дуден со висина од 40 метри е еден од најубавите водопади во светот. Опкружен со зелен парк, длабоки сенки под палми и кафуле од кое имате неверојатен поглед. Ништо помалку импресивен не и Горен Дуден со фасцинантна панорама, места за пикник и можност за дегустирање на традиционална турска храна.
Ковид безбедна дестинација
Поради глобалната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, минатата година најголемиот дел од светското население летото го помина локално, во својата држава. Но уште лани, Турција ја воведе „Програмата за сертификација за безбеден туризам“ и започна со целосна вакцинација на вработените во туристичкиот сектор во земјата. Ова е една од причините поради кои беше домаќин на околу 16 милиони туристи во 2020 година.
За вниманието кое Турција го посветува на безбедносните мерки, се уверувате уште при стапнувањето на аеродромите. Во хотелите, рестораните, продавниците… ве следи љубезната грижа од вработените за превенција од ковид 19.
Во моментов за влез во државата, од патниците не се бара приложување на негативен ПЦР тест ако приложат официјален документ дека се вакцинирале најмалку 14 дена пред влез во земјата или дека во последните 6 месеци ја прележале болеста. Оние кои не се вакцинирани треба приложат негативен ПЦР тест направен во последните 72 часа пред влез во Турција или негативен брз антиген тест направен во последните 48 часа пред влез во земјата.
Почнувајќи од март годинава, патниците кои патуваат за Турција се должни да го пополнат „Електронскиот формулар“ пред нивното патување на следниот линк: https://register.health.gov.tr
М.И.
]]>


