Консумирањето овошни пијалаци во текот на летото, на прв поглед изгледа освежително и здраво. Но, од друга страна, овие навидум здрави напитоци можат да содржат големи количини шеќер, а со тоа да го зголемат нивото на гликоза во крвта. Причина за тоа се скриените шеќери што се наоѓаат во многу популарни летни јадења и пијалаци.
Според експертите, проблем честопати не се оброците, туку пијалаците.
– Секоја година го слушам истиот муабет од збунети пациенти кои ми се обраќаат за помош. Тие се обидуваат да сфатат зошто им се покачува шеќерот и покрај тоа што ги следат препораките од докторите. Овошните сокови оставаат впечаток дека се здрав избор, но при цедењето на овошјето се губат растителните влакна кои ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот, објаснува тој, нагласувајќи дека голема чаша свежо цеден сок од манго може да содржи шеќер колку три или четири плодови манго, но без влакната. Целиот тој шеќер многу брзо навлегува во крвотокот и веќе по еден час повторно чувствувате глад, изјави д-р Гагандип Синг, специјалист за лекување на дијабетес и основач на клиниката Редиал.
Тој предлага наместо овошни сокови да се пие вода со лимон или вода со нане и краставица.
– Ова не значи дека не треба да се консумира сезонско овошје. Јадете го овошјето, наместо да го пиете, вели тој, нагласувајќи дека неколку парчиња манго или лубеница имаат сосема поинаков ефект врз организмот отколку голема чаша сок испиена на празен стомак.
Овошјето содржи растителни влакна кои го забавуваат варењето и помагаат да се спречат наглите промени на шеќерот во крвта. Според експертите, овошјето треба да се комбинира со протеини или здрави масти, како што се рака јаткасти плодови или малку младо сирење.
– Во жешките денови луѓето често избираат лесни оброци кои всушност се состојат главно од рафинирани јаглехидрати. Таквата храна не заситува доволно, па гладта брзо се враќа. Тоа нè поттикнува да земеме нешто за грицкање, што доведува до чести промени на нивото на шеќер во крвта. Основата на секој оброк треба да бидат протеини, како јајца, риба, пилешко месо, во комбинација со сезонски зеленчук како краставици и домати, посочи д-р Синг.
МИА


