Околу 500 припадници на територијалните противпожарни единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население учествуваа во гаснењето на огнената стихија, а загрозен беше дел од градот и населбите на западната страна на градот, поголем број производствени капацитети во зоната Лесна индустрија, склад со течни горива и гас, како и земјоделски површини со лозови и други насади.


-По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот, истакна вчера градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.














