Николовски заедно со градоначалникот Горан Трајковски ја проследи санацијата на материјалните штети кои настанаа како последица од пожарите. Се запозна со ситуацијата на терен, разговараше со засегнатите граѓани и им порача дека никој не е оставен сам, како и дека државата ќе помогне.

-Сите работиме заедно, се солидаризираме и координираме, ги детектираме местата каде состојбите се најкритични и преземаме сѐ што е потребно, сѐ што е во наша моќ за санирање на состојбите. Како што најавивме, Владата, целото солидарно македонско општество ќе ги санира штетите кои ги претрпеа граѓаните, за животот полека да може да се враќа во нормала. Ова се заеднички загуби и заеднички ќе ги санираме, како што доликува на едно солидарно општество, рече Николовски.
Тој потенцира и дека по направените проценки, Владата ќе издвои директна помош, но и дополнително ќе поттикне донаторска помош со која на граѓаните ќе им се овозможи полесно да се справат со настанатите загуби.
-Пожарите и временските непогоди се непредвидливи и често пати, никој не може да ги спречи. Но, најважно во вакви моменти е да им покажеме на граѓаните дека и покрај големите штети и претрпен стрес, не е сѐ загубено. Државата, со сите свои ресурси, финансии и човечки капитал, но и солидарното општество се тука да им помогнат да го вратат изгубеното и да имаат нормални услови за живот, истакна вицепремиерот.
МИА
]]>


