Филипче: Електронското гласање на дијаспората е рецепт за масовни злоупотреби

Предлогот за електронско гласање на дијаспората отвора сериозен ризик од масовни злоупотреби и неконтролиран изборен процес, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека ваквото решение не обезбедува доволни гаранции за проверка на идентитетот на гласачите и остава простор за манипулации што можат директно да влијаат врз изборниот резултат.

„Прво се предлага електронско гласање на дијаспората. Тоа значи без никаква проверка на луѓе коишто не знаеме, наши иселеници каде се, кој ќе им го провери идентитетот. Едноставно пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвора ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Тоа е еден систем којшто е многу опасен, којшто отвора врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт.“, обвини Филипче.

Филипче нагласи дека дополнителен проблем е што ваквото важно прашање не се уредува прецизно со закон, туку се остава на подзаконски акти, што според него уште повеќе го зголемува ризикот од злоупотреба.

„Се укажува дека ова електронско гласање на дијаспората треба со подзаконски акти да го утврди Државната изборна комисија, а не како што е редот да биде тоа утврдено со закон, што е уште еден аргумент во прилог на тоа дека станува збор за иницијатива којашто отвора врати за сериозна манипулација и стартна предност на власта од неколку пратеници уште пред гласањето практично се спроведе во државата.“, потенцираше Филипче.

Филипче укажа дека ваквите предлози не се дел од демократски реформи, туку обид на власта однапред да си обезбеди инструменти за влијание врз изборниот процес.

„Да резимирам во овој дел апсолутно ништо ново. Нешто на што предупредувавме целиот изминат период, а тоа е дека оваа власт е автократска и воспостави режим веќе, а со ова и го потврдува тоа само како уште еден сегмент, буквално насекаде во државата.“, потенцираше Филипче.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најчитани вести