Повеќе од пет колапси на јавни места, главно од постари лица, се евидентирани утрово, изјави за МИА, доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје.
Таа потврди дека има зголемен број повици во Брза помош – Скопје поради високите температури, а се јавувале и барале помош и совети и помлади лица.
– Претежно лицата се жалат на болки во градите, но, има и такви кои чувствуваат вртоглавици и имаат други симптоми – појасни докторката.
Таа информираше и дека на жена од околу 37 години ѝ се слошило во возилото, а покрај повиците од лица кои не се чувствуваат добро, Брзата помош во Скопје имала повици и за сообраќајни несреќи. Џарева информираше и за велосипедист кој денеска бил повреден од возило.
Докторката ги повтори препораките дека треба да се избегнува излегување на отворено од 11 до 17 часот. Доколку се може, обврските да се одложат, а во спротивно – да се носи лесна облека, шапка, да се консумира претежно лесна храна – овошје, зеленчук и свежи салати. Да се пијат повеќе течности – вода и природни сокови, да се избегнуваат пијалаци што содржат алкохол, кофеин, како и тешка, мрсна храна.
Редовно да се зема препишана терапија од надлежни лица, веднаш да не се излегува надвор од климатизирани простории, бидејќи од големо значење е тоа да му се даде време на организамот да се адаптира на промената на температурата.
Таа советуваше и да се внимава во сообраќајот, бидејќи при високи температури, може да дојде до намалена концентрација.
МИА


