Најмалку 26 лица загинаа во несреќи на вода во текот на викендот во Германија

Најмалку 26 мажи и момчиња загинаа во несреќи на вода во текот на изминатиот викенд во Германија, објави денеска Германското здружение за спасување на животи (DLRG), предупредувајќи на голем број инциденти предизвикани од високите температури и зголемениот број на пливачи.

Според прелиминарните податоци, жртвите починале помеѓу петокот и вчера, додека најмалку седум други смртни случаи поврзани со капење и пливање се регистрирани во четвртокот, објави Шпигел.

DLRG наведува дека вкупниот број вклучува лица кои сè уште се водат како исчезнати, но чиј идентитет е познат.

Најмалку осум лица се пренесени во болници по реанимацијата, додека 15-годишно момче е тешко повредено откако скокнало во езеро во градот Мајзенхајм во сојузната покраина Баден-Виртемберг.

Меѓу жртвите е и 31-годишен маж кој се удавил во езерото Олчинг во близина на Минхен.

Истрагата покажа дека станува збор за несреќа и дека мажот, според првичните информации, не знаел да плива.

Еден 84-годишен маж, исто така, почина во езерото Старнберг за време на викендот.

Неговото семејство го пријави како исчезнат откако не се вратил дома, а спасувачите подоцна го пронајдоа неговото тело.

Во текот на викендот, беа пријавени уште неколку инциденти на реките и езерата низ целата земја, вклучувајќи исчезнување на пливачи и спасување на луѓе кои се нашле во опасност.

Надлежните служби ги предупредуваат граѓаните да бидат повнимателни при пливање во периоди на екстремна топлина.

МИА

Најчитани вести