Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конферениција, порача дека СДСМ ќе го блокира предложениот Изборен законик, оценувајќи дека тој содржи сериозни решенија кои не се ниту европски ниту демократски и кои отвораат простор за злоупотреба на изборниот процес.
„Ваков закон не смее ова Собрание да донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски ние овој закон во Собранието ќе го блокираме“, рече Филипче.
Филипче потсети дека СДСМ се повлече од работната група за изработка на Изборниот законик поради начинот на кој власта претходно го донесе Законот за Влада, без консензус со опозицијата, менувајќи ги правилата за функционирањето на пржинската влада.
„Воведувањето на пржинската влада пред десетина години, потоа повторно и во 2018 година, беше со консензус, тогаш и со присуство и активно учество и на меѓународната заедница, нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави и Европската Унија. И сега власта шверцерски, во ист таков како до пред 10 години автократски манир и манир на режим го смени Законот за Владата“, рече Филипче.
Тој нагласи дека и покрај повлекувањето на СДСМ од работната група, власта продолжи со подготовката на законот и поднесе текст кој содржи решенија што отвораат сериозни сомнежи за фер изборен процес. Филипче посочи дека една од најспорните одредби е воведувањето електронско гласање за дијаспората, без јасно уредени механизми за проверка на идентитетот и без законски гаранции за безбедноста на процесот.
„Се предлага електронско гласање на дијаспората. Тоа значи без никаква проверка на луѓе коишто не знаеме, наши иселеници каде се, кој ќе им го провери идентитетот,едноставно пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвара ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Тоа е еден систем којшто е многу опасен, којшто отвара врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт“, рече Филипче.
Дополнително како што кажа Филипче со предложеното решение се уназадува почитувањето на тајноста на гласањето.
„За разлика од досега кога се смета за важечко ливче само доколку е заокружено бројчето пред името на кандидатот односно партијата, сега се дозволува и поинакво означување на тоа за кој гласачот би гласал. Што ова значи и во што ова отвара можност и врата за оваа власт? Да ве потсетам на разговорите во коишто еден поранешен функционер во владите на Никола Груевски го слушнавме како кажува „добро тие гласачи нека заокружат со триаголник“ – повторно контрола на изборниот процес, повторно воведување на режимот во овој контекст во делот на гласањето“, рече Филипче.
Притоа, Филипче укажа и на предлог со кој приговорите за изборниот процес би се разгледувале само доколку се внесени во записниците, оценувајќи дека тоа ја ограничува можноста Државната изборна комисија целосно да ги разгледува евентуалните неправилности.
„Приговорите во однос на избирачкиот процес да се важат, да се уважат и да се разгледуваат само доколку според предлогот на новиот закон влезат во записниците, со што се намалува можноста на Државната изборна комисија да го разгледува целокупниот изборен материјал. Односно ако некој партиски војник каже дека некој приговор не може да влезе во записникот, тоа да не може да се смета за соодветен приговор и да не е причина Државната изборна комисија да го разгледува“, рече Филипче.
Прес конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче


