(ВИДЕО) Ковачевски: Нова гринфилд инвестиција на „Јагео” од над 200 милиони евра и нови 3900 вработувања во зоните во Скопје и Штип

Премиерот Димитар Ковачевски, во видео обраќање упати честитки до менаџментот на компанијата „Јагео” и директорот на Технолошко- индустриските развојни зони Јован Деспотовски по повод новата инвестиција на „Јагео” во зоните во Скопје и Штип во доменот на електрониката.

Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, во вредност од 205 милиони евра и над 3900 нови работни места.

„Благодарност до тимот на „Јагео“ и тимот ТИРЗ за неуморната работа изминативе месеци оваа инвестиција да стане реалност. Станува збор за водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40.000 вработени ширум светот“, рече Ковачевски во неговото обраќање.

Тој посочи дека електронските компоненти кои ги произведуваат и кои што се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникации, индустрија, медицина, управување со енергија, зелена енергија и слично.

„Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме да ја ставиме нашата земја доста високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни инвестиции од кои ќе имаме бенефит и како држава, но уште поважно инвестиции кои носат директен бенефит за граѓаните во државата.

Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на инвестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра.

Имаме над 16.500 вработени во Зоните што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве 5 години“, истакна Ковачевски.

Тој откри дека само минатата година компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3.7 милијарди евра на годишно ниво.

Најнови вести

Најново од Македонија, Ударни вести

Најчитани вести