Пишува: Ленче Николовска
На денешната одлична промоција на почетокот на имплементација на ИПАРД 3, разочараа само празните места предвидени за градоначалниците на општините.
ИПАРД е државен проект, тоа се пари наменети за развој на агросекторот но воедно и развој на општините. Локалната власт е многу значаен фактор во имплементацијата на ИПАРД повиците бидејќи голем дел од документацијата, дозволите за градба и други потребни документи кои ги бара ИПАРД, се добиваат токму во Општините каде што се реализира инвестицијата.
Соработката меѓу локалната и централната власт е клучна во подготовка на апликацијата на инвеститорите. Тоа од друга страна значи нови инвестиции во таа општина, нови вработувања, зголемено производство, ангажирање на други помали фирми, развивање на кооператски односи, развој на мали семејни бизниси и многу други бенефити за локалниот развој.
Затоа, денеска разочара незаинтересираноста од страна на некои градоначалници да се приклучат на оваа успешна наша приказна и да придонесат резултатот од ИПАРД2, да го повториме и со ИПАРД 3.
За нивна информација, апликантите не ги интересира од која партија се првите луѓе на општините, тие оправдано очекуваат соработка со администрацијата и градоначалникот, ако има потреба. Се поинаку од ова, значи опструирање на целиот процес, а со тоа штета за бизнисот, стопанствениците и крајно за државата. Не Владата, ДРЖАВАТА.
Се надевам дека и ова недоразбирање ќе се надмине и дека заедно локалната, централната власт, земјоделците, агробизнисмените, советниците, консултантските фирми и другите чинители во овој важен процес, ќе бидеме на висина на задачата.

Извор: agrotim.mk


