„Сметам дека не треба да осудуваме вака важен проект како ‘Бехтел и Енка’ на пропаст уште од старт. Ако има сомнеж, институциите се должни да го истражат тоа. Но да не осудуваме нешто што е бенефит за граѓаните уште од старт на пропаст“ изјави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во „24 анализа“ на ТВ24.
Тој додаде дека договорот со Бехтел и Енка е стратешки важен проект, кој гарантира побрза динамика на реализација на патиштата, од реномирани светски компании.
„Изградбата на автопатите е стратешки важна. Ние сме имале 30 години можност да изградиме, но не сме изградиле, а се тендерирале и проектирале многу автопати. Тоа не е од џебот на политичарите, туку од џебот на граѓаните, а сепак немаме доволно добра патна инфраструктура“ рече Костадинов.
Тој додаде дека сега имаме шанса, реномирани компании кои градат во многу држави на ист начин како што градат и кај нас да направат одлични автопати.


