На двата македонски аеродрома ќе има многу работа во наредниот период, а тоа е поради зголемените аеродромски операции кои ги имаме годинава, за што сме навистина среќни, се разбира откако претходно бевме силно погодени од ковид-кризата, која силно ја погоди целата воздухопловна индустрија ширум светот. Македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај, бидејќи сé повеќе луѓе патуваат со авион, вели во интервју за „Локално“ новиот генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
При споредбата на работењето со другите аеродроми во земјите од Западен Балкан, Курт вели дека не може да се споредува со бројот на патници на другите аеродроми во регионот, бидејќи сите аеродроми функционираат во различни економии, имаат различни големини/капацитети, различен модел на управување/сопственост и различни географски позиции во регионот, што во голема мерка ја насочува стратегијата за развој на мрежата со авиолинии.
-Она што можеме да го кажеме за другите аеродроми во Западен Балкан е дека – Македонија беше првата земја што доби концесионер, странски инвеститор што инвестираше во нови аеродромски капацитети и модернизирани операции, вели Курт.
Во однос на тоа дека граѓаните често се жалат на малиот број на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, новиот директор на ТАВ посочи дека работат многу напорно да привлечат нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од двата македонски аеродроми и да отворат нови дестинации кои ќе бидат корисни за македонските граѓани.
-Би сакале повторно да ги воспоставиме дестинациите како што се Доха и Дубаи, кои беа запрени од Qatar Airways и FlyDubai за време на кризата со ковид-19. Работиме кон остварување на оваа цел, за што имавме средби и преговори со авиокомпаниите, поддржани од амбасадите во овие земји, но одлуката секогаш ја носат авиокомпаниите, истакнува тој во интервјуто.
Пред еден месец бевте назначен за нов генерален директор на ТАВ Македонија. Вашата претходна позиција во компанијата беше заменик генерален директор. Што се промени во вашите секојдневни задачи сега со вашата нова работна позиција? Како сегашните задачи се разликуваат од претходните?
-Од 1-ви мај 2023 година сум назначен за генерален директор на ТАВ Македонија. Во претходните три години ја извршував функцијата заменик генерален директор за операции, додека од 2018 до 2019 година бев координатор за операции на двата аеродроми во ТАВ Македонија. Во групацијата ТАВ Аеродроми работам 23 години, а во ТАВ Македонија, како дел од топ-менаџментот сум од почетокот на проектот во земјава, од 2008 година. Во годините помеѓу 2014 и крајот на 2018 година работев на извршни менаџерски позиции на два други аеродроми во рамки на ТАВ групацијата – Загреб (Хрватска) и Медина (Саудиска Арабија), управувајќи со оперативната подготвеност на аеродромот во Загреб за време на последните фази од изградбата на новата терминална зграда и во Медина, организирајќи непречена транзиција и подготвеност според концептот на “Оперативна Подготвеност Аеродромски Трансфер” (ORAT).
Затоа, би рекол дека новата работна позиција – генерален директор, дефинитивно ми донесе нова одговорност и тоа е највисока одговорност во компанијата, но на сите мои досегашни позиции бев еден од врвните носители на одлуки, бидејќи така функционира нашата структура на управување. Во ТАВ Македонија врвниот менаџмент отсекогаш носи заеднички одлуки, а во исто време ги консултираме клучните луѓе во компанијата – секој експерт во својата област, бидејќи тоа е вистинскиот начин да се дизајнираат бизнис- процесите и да се изведат бројните аеродромски активности на избалансиран и ефективен начин.
Повеќе на линкот: Локално.мк


