Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на прес-конференцијата во просториите на МЗШВ информираше дека сите субвенции се веќе исплатени и тоа пред законскиот рок.
„Согласно законскиот рок, и тоа можеби е за првпат во овие 15 години, сите основни плаќања по грло и по површина се веќе исплатени пред законскиот рок. Започнавме и со исплата на сите интервентни мерки. Брзо и навремено, уште од февруари, субвенциите ги добија поледелците, лозарите, тутунарите, овоштарите, сточарите, млекопроизводителите. Сите барања на земјоделците од терен како и барањата на потсекторските групи внимателно ќе бидат разгледани и нашите политики ќе бидат засновани токму во текот на годината да интервенираме и да излеземе во пресрет на барањата.“, рече Николовски.
Исто така министерот најави дополнителна поддршка за јачменот и пченицата.
„По денешните консултации со претседателот на Владата сакам да најавам дека Министерството е подговено и ќе излезе пред Владата со нов пакет мерки кои го опфаќаат производството на жито. односно дополнителна поддршка за јачменот и пченицата. Преку Интервентниот фонд оваа година приоритет ќе дадеме за поддршка за пченицата. Предлагаме дополнителни три денари за предаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во Република Северна Македонија. Со ова производителите на пченица покрај основните плаќања кои веќе се исплатени, покрај зелената нафта за која ќе добијат зелени картички во текот на летото, во овој период ќе ја утврдиме и оваа поддршка и овие средства ќе бидат исплатени исто така брзо и навремено. Целта на мерката од три денари за килограм предадена кај домашни откупувачи, е за да ги надополниме домашните капацитети за домашно производство на храна кое треба да се зголеми.“, информираше Николовски.
Целата изјава на министерот Николовски можете да ја погледнете во следното видео.
Извор: Агротим.мк


