Коста К. се издвојува меѓу сите досега познати масовни убијци бидејќи никаде во светот досега немало толку млад кој убил толку жртви. Ниту во САД, каде што има неколку вакви случаи, но само еден кога дете со 13 години или помалку убило 4 или повеќе жртви, што е дефиниција за масовен убиец, па дури ни во случајот кога имало две момчиња кои дејствувале заедно – изјавил д-р Адам Ланкфорд, проф. за криминологија и кривично право на Универзитетот во Алабама, за српски Блиц.
Д-р. Ланкфорд е првиот светски познат експерт кој проговори за случајот со 13-годишното момче убиец од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија, кое на 3 мај годинава уби осум ученици и чувар, додека десеттата жртва подоцна ѝ подлегна на повредите.
Меѓу другото, Ланкфорд е специјалист во областа на масовните убиства, за кои има објавено многу книги и публикации. За неговата истражувачка работа тој е награден и е редовен гостин на повеќе од 40 медиуми, меѓу кои Њујорк Тајмс, Си-Ен-Ен, Ен-Би-Си Њуз, Политико…
Ланкфорд вели дека сега треба „да се види“ што ќе покаже психијатриската проценка на момчето убиец од Белград.
Сличности и разлики
Според студијата спроведена од д-р. Ланкфорд и негов колега во која испитувале дали помладите масовни убијци, на возраст од 11 до 17 години, се разликуваат од оние на 18 и постари постојат четири важни разлики:
1) Помладиот масовен убиец има поголема веројатност нелегално да набави пиштол. Понекогаш дури и го краде од родителите.
2) Помладите масовни убијци имаат поголема можност да нападнат во училишта отколку на други места.
3) Многу веројатно е дека копирале или биле инспирирани од други масовни убијци.
4) Постои голема веројатност помладите масовни убијци да имаат историја на злоупотреба на животни пред злосторството.
Сега би требало да се види дали белградскиот убиец ги исполнува последните два критериуми, бидејќи веќе ги исполнува првите два – вели д-р Ланкфорд за „Блиц“.
Сексуална фрустрација
Ланкфорд го наведува примерот на средношколецот од Санта Фе кој во 2018 година, како и Коста К., добивал само петки. Ланкфорд неодамна објави студија за сексуалната фрустрација на масовните убијци и во тој контекст го поставува прашањето за момчето од основното училиште „Владислав Рибникар“.
„Многу масовни убијци немаат проблем со преживувањето, тие не се гладни, не се бездомници и не се очајно сиромашни, туку се незадоволни од својот живот. Понекогаш имаат значителни проблеми поради сексуалната фрустрација, што не би било чудно ниту за 13-годишно момче. Можеби не е случајно што сите негови жртви освен две, биле девојчиња? – прашува д-р Ланкфорд.
Запрашан за коментат за фактот дека белградскиот убиец очигледно немал намера да се убие по злосторството нуту да загине во престрелка со полицијата, што го одделува од повеќето масовни убијци во училиштата, Ланкфорд вели дека неговото истражување покажало дека најлошите масовни убијци честопати своите напади ги планираат подолго од масовните убијци кои имаат помалку жртви.
– Ќе биде интересно да се дознае дали убиецот од Белград планирал да преживее за да може да ужива во својата новостекната „слава“ – заклучува Ланкфорд.


