Топлотниот бран Клеон што од средата ја зафати Грција, кулминира денеска и утре со температури од над 40 степени во повеќе делови на земјата, меѓу кои и грчката метропола, јави дописничката на МИА од Атина.

Уште рано утрово термометарот покажуваше 40 степени, а во пладневните часови, центарот на Атина беше речиси празен.

Единствено присутни беа туристите, кои бараа начини да се разладат.
Некои освежувајќи се во фонтаната на плоштадот Синтагма, други со помош на сокови и вода, трети со чадори.

-Вода, освежување, сенка, веројатно ова е рецептот за да се издржи топлото, но немаме избор, велат туристи во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Вработени од општина Атина, на туристите и Грците им делеа бесплатни шишиња вода во обид барем малку да ги направат издржливи високите температури.

Пред грчкиот Парламент, кај споменикот на Незнајниот војник без разлика дали температурата е под нулата или над 40 степени Целзиусови, војниците од претседателската гарда, т.н. Евзони се на нивните места.

За да не дехидрираат, војник се грижи за нив, во 60-те минути додека се на стража да пијат вода, но и да им ја избрише потта.
Овој пат, единствената разлика пред споменикот на Незнајниот војник е што воопшто нема туристи.

Поради високите температури Акропол денеска е затворен за посетители во периодот од 12 до 17 часот, додека пак останатите археолошки локалитетите во Атина работат нормално.

Според Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, голем дел од населението, односно околу девет милиони граѓани денеска ќе бидат изложени на температури од над 39 степени.
МИА


