„Експресниот пат од Градско до Прилеп е приоритет, не само за Владата, тој има големо економско значење за сите граѓани, а посебно за жителите од Градско, Росоман, Прилеп, Битола, Ресен.
Токму заради оваа огромна потреба, останавме цврсто на нашите приоритети да изградиме модерен и безбеден патен правец со огромни бенефити за развој на регионот, за побрза комуникација и за побезбеден сообраќај, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски
на пробивањето на десната тунелска лента на втората делница од Дреново до Фариш.
Според него на овие неколку локации во клисурата е потешкиот дел од трасата каде претстојат сериозни градежни зафати, но полека се оцртуваат финалните контури на експресниот пат. Бочварски рече дека имаат преку 64% реализација и очекуваат со добра динамика како и досега да се заврши изградбата на овој пат.
– „Изградбата на еспресниот пат од Градско до Прилеп се реализира во две фази и тоа од Градско до Дреново и оваа од Дреново до Фариш. Ме охрабрува фактот што и на првата делница од Градско до Дреново се работи со максимално темпо. Инвестираме во изградба на овој експресен пат, за да создадеме побрза и побезбедна патна врска од централниот дел на државата кон Пелагонија, што е доволен показател за реализацијата на владините програмски цели за овој регион.Со ова даваме дознаење, кога се работи посветено, тогаш се градат и најтешките делници и тунели, со цел граѓаните да имаат широк бенефит. Овој пат е дел од европскиот Коридор 10-Д и поради тоа вложуваме максимални напори да го модернизираме и да го издигнеме на ниво на
безбеден Коридор“, потенцира министерот Бочварски.
Според него граѓаните треба да знаат колкава е комплексноста на овој проект. Се градат два тунели, 21 мост, 11 потпорни ѕидови, 15 пропусти, еден вијадукт, една галерија и дека очекуваат максимално вложување на изведувачот, на градежната оператива, се со цел навремено и квалитетно да се постигнат зацртаните цели.


