Новата унгарска влада тргнува во реформа на јавните медиуми по ерата на Орбан

Новата владејачка партија во Унгарија, Тиса, поднесе предлог-закон за реформа на јавните медиуми, кои со години беа критикувани од домашната и меѓународната јавност дека за време на поранешниот премиер Виктор Орбан станале гласноговорник на власта.

Реформата на јавниот сервис беше едно од клучните ветувања на партијата на премиерот Петер Маѓар, која во април убедливо го порази Орбан на изборите.

Благодарение на уставното мнозинство, Тиса сега има можност да укине дел од реформите на Орбан, за кои критичарите тврдат дека ѝ наштетиле на демократијата во земјата.

Целта е независен јавен сервис

Главната цел на предложениот закон, според владејачката партија, е обнова на независен, транспарентен и одговорен јавен медиумски сервис.

Една од клучните промени се однесува на преструктурирање на MTVA, холдингот што во моментов управува со јавните медиуми.

Според предлогот, MTVA би се поделила на компанија задолжена за радио и телевизиско емитување, додека националната новинска агенција MTI повторно би станала самостојна институција.

Предвидено е и формирање Независен одбор за јавни медиуми, кој би требало да ја штити независноста на јавниот сервис, да го надгледува неговото работење и финансиите, како и да учествува во изборот на раководството.

Еднаква застапеност на власта и опозицијата

Новиот одбор би бил составен на паритетна основа, со еднаква застапеност на претставници од власта и опозицијата.

Во неговата работа би учествувале и независни претставници од медиумскиот сектор.

Со законот се предвидува и формирање Совет за јавни медиуми, кој би го надгледувал почитувањето на принципите на јавниот сервис врз основа на посебна Повелба за јавна служба.

Предлогот опфаќа и реформа на Медиумскиот совет, тело на Националната управа за медиуми и комуникации, со цел неговиот состав да биде поурамнотежен, одлуките потранспарентни, а правилата за судир на интереси построги.

Смена на сегашното раководство

Една од поважните точки на законот е и прекин на мандатот на сегашните раководители на јавните медиуми.

Во преодниот период, за јавните медиуми би бил задолжен министерот за култура Золтан Тар, додека новото раководство би се избирало преку отворен конкурс.

Со ова, новата унгарска влада најавува обид за длабока промена на медиумскиот систем, кој со години беше една од најспорните точки во односите меѓу Будимпешта и европските институции.

Извор: Trn.mk

Најчитани вести