Прва жртва на поплавите во Словенија: Во Камник загина еден човек

Едно лице загина во поплавите во Камник на северот на Словенија, објавија медиумите.

Порталот Камник.инфо објави дека водата однела постар жител во атарот на населбата Бистричице.

Полицијата утринава соопшти дека пред куќа во месноста Камник било пронајдено тело на локален жител, но дека не можеле да излезат на местото на настанот поради поплава.

Силниот дожд предизвика големи поплави во западна, северна и делови од централна Словенија, додека Агенцијата за животна средина (АРСО) го крена алармот на највисоко ниво бидејќи се очекуваат нови врнежи и поплави.

Податоците на АРСО покажуваат дека во делови од северна, северозападна и централна Словенија за 24 часа наврнале над 100 милиметри дожд, што е просечната месечна количина на врнежи, пренесува Танјуг.

Најобилни врнежи се забележани од четвртокот од 16 часот до четири часот утринава на метеоролошките станици Пасја Раван северозападно од Љубљана со 182,7 милиметри на метар квадратен и Вогел и Рудно Поље на Алпите со над 170 милиметри.

Повеќе од 150 милиметри дожд е забележан на аеродромот во Љубљана.

Најчитани вести