(ВИДЕО) Специјални единици на МВР: Единица за брзо распоредување – Секогаш и секаде!

Храброста е нивен сопатник и белег на препознатливост од моментот кога за прв пат ја облекоа полициската униформа, а својата посветеност и професионалност секојдневно ја докажуваат на дело грижејќи се за мирот и безбедноста на граѓаните и на својата земја. Обуката што ја поминуваат е многу посложена и посеопфатна од обуката на регуларните единици бидејќи задачите кои ги извршуваат припадниците на оваа единица се оценети со висок ризик, а нивната селекција се врши според најстроги медицински, психолошки и физички критериуми. Тие постојано се во борбена готовност, подготвени за моментално дејство на која било локација и во секакви услови. Да, станува збор за припадниците на Единицата за брзо распоредување, високо обучена специјална единица на МВР.

Кога зборуваме за Специјалните единици на МВР тие ceкогаш се  подготвени да дејствуваат во справување со конфликтни ситуаци , во вонредна и воена состојба a имаат своја превентивна улога и во време на мир.

Нивното стратешко значење ги прави најсоодветни за учество во операции за зачувување на мирот и произведувачи на колективната безбедност.

Формирање  на Единицата за брзо распоредување

Во 2001 година, како одговор на потребата за одржување на јавната безбедност, јавниот ред и мир и извршувањето на сложените полициски задачи, се иницираше создавање на нова полициска единица која ќе биде способна да извршува задачи што ќе се движат меѓу класичните воени и сложените полициски операции.

Создавањето на новата единица претставуваше и обврска на Министерството за внатрешни работи која произлезе од Oдлуката донесена од Владата од 12.06.2001 година за формирање Единицa за специјални намени и Oдлуката на Претседателот на државата од 15.6.2001 година за формирање привремена здружена единица за борба против тероризмот, во чиј состав влегуваат единици на Армијата и единици на Полицијата.

Од друга страна, пак, eвропската безбедносна и одбранбена политика предвидуваше специјални сили со високо ниво на подготвеност и способност за извршување задачи под тешки околности. По примерот на ЕУ, каде што земјите членки веќе имаат создадено „сили за брза реакција“, два месеци подоцна беше формирана Полициска единица за брзи интервенции на МВР која влезе во состав на привремената Единица за борба против тероризмот.

Со изградба на новиот концепт, пристапено е кон создавање нова структура – од Одделение, преку Вод и Чета, до Баталјон, односно полициска единица со воени способности. Оперативната компонента на оваа Единица е да биде подготвена за дејствување под тешки околности, да спроведе брзо распоредување во кризни подрачја и екстремно опасни средини, но и да одговори во сите ситуации кога ќе дојде до нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем.

Токму затоа, со владина Oдлука во 2003 година Единицата за брзи интервенции се трансформираше во Единица за антитероризам во рамките на МВР, при што се создаде Специјалната полициска единица за брзо распоредување.

Во текот на истата година и во периодот потоа, оваа единица добива голема поддршка и помош од инструктори од повеќе сродни специјални единици од странство, со што е започнат процесот за „европеизација“ на Единицата, а најголем приоритет претставува воспоставувањето на високи европски полициски стандарди во својата работа.

Единицата ќе понуди видливи резултати кога во своите редови ќе изврши интегрирање на припадници од сите етнички заедници во државата – проект помогнат од меѓународните партнери, пред сè од ОБСЕ, со кој се изврши строга и квалитетна селекција и тренинг, за кон крајот на 2003 година да го добие името Специјална единица за брзо распоредување, како специјализиран организациски дел на Бирото за јавна безбедност, што првенствено е наменет за извршување задачи што излегуваат од рамките на редовното полициско работење. Основната намена ѝ е борбата против тероризмот, како и одржување и воспоставување на јавниот ред и мир кога е нарушен во поголем обем.

Како резултат на големото искуство и научените лекции оваа Единица полека почна да излегува од стереотипните модели на тогашните полициски и воени сили. Новиот организациски концепт на единицата се карактеризира со: команда што ќе биде директно во надлежност на директорот на Бирото за јавна безбедност и министерот за внатрешни работи; високофлексибилна организациска структура, која ќе биде приспособена на брзи и многу динамични ситуации; реализирање реална и многу динамична обука заснована на голем број вежби и сценарија; опремување на Единицата со современи средства, оружје и возила и избор на професионални припадници, кои ќе се тренираат по највисоки стандарди.

По примерот на сродните единици во светот, сите припадници во Единицата е предвидено да добијат обука до совршенство, во сложени, сурови, геопросторни и тактички услови. Така, изборот на припадниците во Единицата започнува да се прави на доброволна основа од редовниот состав на полицијата, со примена на строги медицински, психолошки и физички критериуми, за да може да се селектираат и да останат само оние лица што имаат висок морал, голема одлучност и храброст. Секој припадник треба да биде одлично физички подготвен, но секако, како важен сегмент, посебно се вреднува менталната стабилност, односно способноста за работа во услови на психички притисок што се појавува во специјалните операции. Во тимовите треба да постои голема доверба и дисциплина и да бидат подготвени да извршат задачи што бараат најголем напор.

„Припадниците на ЕБР, кои се дел од Одделот за специјални полициски операции, се висококвалификувани и обучени за најтешките задачи. Тие се активираат секогаш и секаде каде што е потребно највисоко ниво на оперативна ефикасност. Подготвени во најкус можен рок да извршат задачи со висок ризик и со највисок степен на прецизност, свесни за фактот дека кога се активирани, не постои никој друг што би можел да дејствува освен нив.“, се зборови на командантот на единицата Вице Столевски.

Во пролетта 2004 година Единицата ја преместува својата база од Полицискиот центар за обука Идризово во тогашната касарна Ѓорче Петров, денес Полициски центар Ѓорче Петров, каде што во моментов се наоѓаме. Една година подоцна, односно кон крајот на 2005 година, Единицата го добива сегашниот назив „Единица за брзо распоредување“ (ЕБР). Во периодот што следи оваа Единица  спроведува неколку проекти со кои се доближува до европските специјални полициски сили, какви што се: „примена на нови тактики за дејствување“, „модернизација на опремата и на оружјето“, заокружување на моделот „дигитален полицаец“ и изврши внатрешно реорганизирање со поделба и групирање на силите по специјалности.

Оперативната компонента успева во целост да ги изврши сите сложени безбедносни задачи во наредниот период, посебно во делот за сузбивање на тешките облици на криминал, во спречување на нарушување на јавниот ред и мир, во борбата против тероризмот, да стане столб за мигрантската криза во 2015 година, како и да изврши многу други високоризични безбедносни задачи. Со успешното завршување на голем број опасни и сложени задачи, Единицата за брзо распоредување во Министерството и во јавноста станува многу ценета, а нејзината улога во безбедноста на државата од ден на ден станува сè позначајна.

Денеска, 22 години подоцна, пред нас имаме високофункционална единица, која е способна самостојно или во координација со други служби да извршува сложени задачи, следејќи го примерот на европските специјални сили. Притоа, Единицата, покрај тоа што го задржува мултиетничкиот карактер, посветува внимание и на родовата еднаквост во своите редови.

„Влегувајќи во третата деценија од своето постоење, Единицата за брзо распоредување, сите нејзини поранешни, но и сегашни припадници, низ секојдневното работење, демонстрираа силна посветеност и амбиција не само да ги следат зададените стратешки насоки за развој и унапредување на Единицата, туку и да ги надоградуваат своите професионални и стручни капацитети, со препознаена пожртвуваност, изразена преку бројните примери на успешно реализирани активности.

Притоа, не штедејќи се себе си, а секогаш кога била доведена во прашање безбедноста на државата и институциите – ставајќи ги на ризик сопствените животи, како гаранти и чувари на безбедноста, спокојот и животот на сите наши граѓани”, ќе истакне  министерот Спасовски во своето обраќање на обојгодинешната централна  манифестација по повод 22 години ЕБР која се одржа на денот на единицата 23 Август во Куманово, оваа година.

Од 2017 до денес – период на интензивно опремување и инвестирање во единицата

Во мандатот на ова раководство на МВР, на чело со министерот Оливер Спасовски со поставување на концептот МВР за граѓаните,  опремена полиција – задоволни граѓани се почнува со силно вложување во унапредување на материјално технички капацитети на Единицата за брзо распоредување како и во останатите делови на полицијата.  Од инфраструктурни подобрувања ЕБР добива нови соларни системи и болјери за 5 павилјони, реновирање на фудбалско игралиште, игралиште – фитнес зона со нови справи, реновирање на кошаркарско игралиште, изградба на комплетно нови објекти со боксови, канцелариски простор и полигони за обука на Единица за службени кучиња, нова целосно реновинарана кујна со нов концепт на исхрана многу поквалитетен од претходно.  Сите човечки капацитети за сместување, вежбање или обука се делумно или целосно реновирани да ги задоволуваат највисоките стандарди кои се бараат, опремени со нови клима уреди и компујтери.

Во делот на опремување со материјално технички средства, опрема и возила за работа на самите полициски службеници исто така исклучително е вложувано од страна на министерството или преку обезбедени донации од нашите партнери и пријатели. Така единицата добива 15 транспортни комбиња „Рено“, 2 специјални возила за транспорт на кучиња, едно санитетско возило „Хамер“, 8 интервентни возила, најнови рачни радиостаници, штитови, балистички плочи и панцири за секој нејзин припадник.

Од лична опрема обезбедени се нови теренски чизми, нови комплети маскирни и урбани униформи за сите припадници, дополнително лично вооружување пиштол HS-9,  4.0 G2 , оптоелектронски средства, термални уреди и камери, комплет спортска опрема.

За Министерството за внатрешни работи и натаму останува приоритет, постојаното унапредување и подобрување на професионалните, социјалните и техничките услови за работа на полициските службеници.

„Уверени сме дека само така значително ќе можеме да ги унапредиме ефикасноста и квалитетот на полициското работење а во интерес на сите наши граѓани“, велат од МВР.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести