Калиопи за немилиот настан: Ова е најтажниот ден во мојата кариера

Македонската пејачка Калиопи вчера вечер требаше да одржи концерт во МТС двораната во Белград, но откако на една жена која беше присутна во публиката ѝ се слоши, настанот беше откажан.

– Поради непредвидени околности, концертот на Калиопи кој беше закажан се одложува, а новиот термин дополнително ќе биде објавен. Сите купени билети за концертот ќе важат и за следниот датум. За повеќе информации во најскоро време ќе биде издадено соопштение кое ќе биде достапно на веб страната на МТС салата како и на социјалните мрежи. Ви благодариме за разбирањето, соопшти организаторот на концертот.

Калиопи се огласи на инстаграм каде изрази сочувство на семејството на жената која почина.

„Ова е најтажниот ден во мојата кариера…Денес наместо да го славиме животот на мојот концерт, загубивме еден живот… Во мое име и во име на целиот мој тим, изразуваме длабоко сочувство до семејството на починатата… Ова е моја прва и единствена изјава за вечерашниот немил и многу тажен настан за сите нас. Се надевам дека мојата публика ќе има разбирање за одложувањето на вечерашниот концерт… Новиот датум ќе биде објавен наскоро“, напиша Калиопи.

Жената пристигнала на концерт заедно со другарките и нејзината ќерка, во еден момент изгубила свест и колабирала, а потоа веднаш била повикана Брза помош. И покрај извршената реанимација несреќната жена која била на околу 70 годишна возраст не успеала да се спаси.

Како што објавија медиумите, се работи за жена која Македонската пејачка ја познавала, а овој немил настан ѝ бил многу тежок. Медиумите ја пренесоа и нејзината изјава за Блиц.

„Зборувам во името на сите нас кои тажно и трагично ја доживеавме синоќешната трагедија. Најтажниот момент во мојата кариера. Голем шок за сите нас. Концертот уште не беше почнат, чекавме сите да влезат, да се наполни салата и да го славиме животот, а една од нив беше и госпоѓата која почина. Веднаш се симнав во публиката и сфатив дека имаме сериозен случај“, изјавила таа во емисијата „Премиера – викенд специјал“, пренесува „Блиц“.

Најчитани вести