„Зајакнување на капацитетите за управување со јавните финансии, сузбивање на сивата економија и корупцијата се трите најзначајни придобивки на Работниот план што во јули го потпишавме заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и директорката за приходна политика и администрација при Трезорот на САД, Парвина Шамсиева Кохен“ изјави директорот на Царинската управа, Стефан Богоев во интервју за „24 инфо“.
Тој додаде дека со активностите предвидени во планот ќе се зголеми способноста на државата да генерира повисоки и посигурни приходи, што ќе ја зголеми можноста Владата да испорача јавни добра што ќе го поддржат растот на економијата.
„Ова значи повеќе пари за здравство, за нови градинки и училишта, за подобра инфраструктура. Воедно, ќе овозможат олеснување на трговијата и непрекинат проток на стока преку зголемена дигитализација на процесите, што ќе овозможи подобрување на условите за водење бизнис“ рече Богоев.
Директорот на Царинската управа рече дека активностите дефинирани во планот на крајот треба да придонесат за сузбивање на корупцијата, што ќе се овозможи со детектирање преку механизми за поголема контрола.
„Како Царинска управа, во рамки на проектот со експертска помош од Трезорот на САД, во изминатиот период работиме на зајакнување на институционалните капацитети за спроведување ефикасни контроли и управување со ризиците во царинското работење. Ова се клучни области коишто ќе овозможат елиминирање на сивата економија и корупцијата, како едни од највисоките приоритети на Царинската управа, што ќе генерира повисоки приходи во Буџетот“ рече Богоев.


