Земјоделците од околината на Лесковац, познати како производители на висококвалитетни пиперки, последниве две децении одгледуваат пиперки во модерни пластеници, а во селото Долна Локошница не ја менуваат сортата на пиперките и начинот на кој се се суши повеќе од 100 години.
Во текот на септември и октомври, одгледувачите на зеленчук во Долна Локошница закачуваат околу 150.000 рачно нанижани венци од црвена пиперка на ѕидовите на куќите и помошните згради. Во село со околу 300 домаќинства речиси и да нема зграда што не е „покриена“ со пиперка. Мештаните и останаа верни на традицијата бидејќи веруваат дека автохтоната сорта „козји рог“ најдобро се суши на сонце од 30 до 50 дена.
Во село со 1.300 жители, речиси 90 отсто од нив се занимаваат со одгледување и сушење пиперки. Тие произведуваат помеѓу 60 и 80 вагони сува и сушена пиперка годишно. Кога ќе ја оберат пиперката, најчесто жените ја нижат, правејќи венец со тежина од 12 до 15 килограми.
Иако се најголеми производители на сува пиперка, ја продаваат главно на пазарите во Србија, бидејќи немаат регистрирано здружение преку кое би можеле единствено да делуваат на странскиот пазар.


