На прашањето кое право би го подариле за 8 Март на жените, дел од испитаниците на анкетата „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“ одговорија дека жените сами си ги земаат своите права и дека тоа е е работа на мажите. Помеѓу другите одговори имаше и „Да можат да работат секаде каде што би посакале“; „Слободата, независноста“; „Од поедини мушкарци поголема почит кон жената“.
Граѓаните даваа различни одговори и на прашањето која жена е пример за жена-борец: „Сите жени“, „Сите жени во мојот живот…“, Мајка Тереза, Одри Хепберн, но најчесто беа спомнувани мајките и бабите. „Секоја жена си е борец за себе, и за другите“, поентираше една граѓанка.
Дел од испитаните граѓани одговорија дека 8 Март не прославува седнување во кафана, туку добивање на право на глас, право на работа, право жените да заработуваат сами за себе и да имаат самостојност.
На прашањето зошто се одбележува 8-ми март како ден на жените, повеќето граѓани ги спомнаа Роза Луксембург (и Клара Цеткин) и движењето за правата на жените: „8-ми март се однесува за рамноправноста на жената во сите сфери и функции“, истакна една граѓанка.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.


