Со трактори, приколици, изморени и погодени од жешкото сонце производителите на домати од Струмичкиот регион денеска го блокираа центарот на градот искажувајќи го својот револт од ниските откупни цени на доматите. Велат дека на самиот старт на бербата со откупна цена која деновиве падна и на 20 денари за килограм не можат да ги покријат трошоците на производство а каде им се останатите давачки.

– Бараме рентабилна цена за доматот од 35 денари за килограм и еднаш да се стави крај на неконтролираниот увоз на домати од Албанија и Турција. Веќе цела недела откупот е катастрофа а ние никако не можеме трошоците да ги покриеме, порачаа градинарите.

Според нив токму ова е главната причина зошто кај доматот секодневно се намалува цената за откуп. Велат дека има голема разлика меѓу цените по кои тие ги продаваат своите домати и онаа која ја плаќаат граѓаните во другите градови каде изнесувала и до 70 денари за килограм.

Во моментов се откупува благата пиперка по цена од 60 денари за килограм а на некои откупни места имаше и откуп на рана црвена пиперка која се откупуваше за 90 денари.

Оваа сезона раноградинарите во Струмичко имаа проблем и со откупот на зелката која падна и до 7 денари за килограм што е за неколку пати пониска од лани.

Деновиве по струмичките полиња честа е глетката на необрана зелка а има и такви случаи кога по социјалните мрежи производителите на зелка им нудат на граѓаните да ја добијат на подарок од срце, како што велат тие, отколку да им скапува на нива.


