Скандал до скандал, негативна вест до негативна вест – вака накратко може да се сумираат првите месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со изолираниот Стојанче Ангелов, како директор на Центарот за управување со кризи, кој се обидува да покаже дека државата функционира за народот.
Додека горат над 500 квадратни километри шума во земјава, Мицкоски шета по илинденски прослави, а потоа со службени возила патува на приватен ручек, на риба во Радожда.
Додека земјата се вовлекува во меѓународен скандал поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи и злоупотребата на функцијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, чие обезбедување се заканувало на аеродромското обезбедување, Мицкоски не сакал да се вовлекува во препукувања.
Негативните вести за граѓаните продолжуваат и од односот на Мицкоски и неговата влада со големите компании и стопанските комори, наспроти интересите на граѓаните. Се отвораат дебати за укинување на недела како неработен ден, воведување даноци и давачки за малите претприемачи, додека истовремено ќе се намалуваат даноците за најголемите компании. Дополнително, граѓаните видоа и како поданички се однесува Мицкоски кон претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, чија дозвола чека премиерот за да може да стане.
Единствените позитивни вести поврзани со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат од Стојанче Ангелов, кој на функцијата директор на Центарот за управување со кризи беше поставен уште од претходната влада. На моменти изгледа дека тој е единствениот во државните институции кои се грижи да не изгори целата земја, борејќи се со пожарите од терен, додека останатите функционери шетаат по прослави и ручеци.
Р.Б


