Излезе од печат поетската кника „Процвет“ на Цветанка Невчева, добитник на наградата „Душата на чаршијата“

Излезе од печат поетската книга насловена како “Процвет” на поетесата Цветанка Невчева во издание на Дата песнопој од Битола.

Делото е дел од Современата македонска книжевност – едиција: „Книжевни меридијани“ и е носител на наградата насловена како – „Душата на чаршијата“ на конкурсот распишан од издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола.

Песните во стихозбирката „Процвет“, поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ, пишува рецензентот Илија Мерковски.

Дизајнот на корицата е направен од страна на нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин.

Низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на  познатиот хирург, д-р Јордан Невчев.

Цветанка Невчева е родена 1989 година во Кавадарци, РС Македонија.                                               

Таа е специјализирана медицинска сестра по семејна и патронажна грижа. Магистрант на спортски менаџмент. Активист и волонтер во повеќе невладини организации. Автор и коавтор на повеќе научно истражувачки трудови.

Вљубеник во убавата мисла преточена во убав збор запишан во книги исполнети со поучни и мудри страници.

Пишува поезија и кратки раскази.

Нејзините поетски творби и раскази се објавени во антологии, книжевни списанија и интернет портали.

Поетската книга насловена како Процвет, е нејзина дебитанска книга, која се закити со наградата Душата на чаршијата, на конкурсот организиран од страна на издавачката куќа „Дата Песнопој“ од Битола.

             

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести