На својата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук, „Државна лотарија“ информираше дека во 64 коло од играта на среќа ЛОТО 7, постигната е лото-премија во вредност од 109 012 304,50 денари, (над 1,7 милион евра). Извлекувањето е реализирано, во сабота, на 10. август 2024 г., со пренос во живо на Канал 5 телевизија.
„Според податоците од системот, дознаваме дека уплатата е извршена на продажното место ВЛАДИЈА 2011, во Охрид. Уплатени се 10 лото-комбинации, а добитна е 6-тата комбинација со броевите: 7, 10, 27, 31, 33, 35, и 36“, стои во објавата.
Како што наведоа, ова е 28-ма лото-премија од почеток на приредување на игрите на среќа на Државна Лотарија од 2010 година и најголемата која е постигната досега.
За 7-ка досега се славеше во: Свети Николе, Неготино, Тетово, Струмица, Кавадарци, Кичево, Куманово, Битола и Скопје.
Во објавата на социјалната мрежа Фејсбук, Државна лотарија ја поздрави одлуката на лото-играчите коишто досега јавно го споделија своето искуство – какво е чувството кога ќе се добие 7-ка на ЛОТО 7.
„Веруваме дека наскоро ќе се запознаеме и со нашиот најнов добитник и ќе ви ја пренесеме среќната приказна на најновиот лото милионер“, порачаа тие.


